Македонија се најде на третото место во Европа според стапката на убиства на жени извршени од партнер или член на семејството, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2023 година, анализирани од „Евроњуз“.
Според податоците, во Северна Македонија биле убиени шест жени на еден милион жители, што ја става земјата веднаш зад Латвија и Литванија. Латвија бележи највисока стапка во Европската Унија со речиси 17 жени убиени на милион жители, а Литванија е на второто место со 10 жени на милион жители.
Просекот во Европската Унија изнесува 4,1 убиени жени на еден милион жители, што е значително помалку од стапката регистрирана во Македонија. Според Евростат, жените во ЕУ се убивани речиси двојно почесто од мажите кога сторителот е партнер или член на семејството.
Најниски стапки во Европската Унија, со исклучок на Малта, се забележани во Грција, Шпанија и во Холандија. Во Грција стапката изнесува 1,8 жена на милион жители, во Шпанија 2, а во Холандија 2,3.
Податоците покажуваат дека во последната деценија бројот на вакви убиства во ЕУ останал релативно стабилен, со највисоко ниво во 2022 година – кога биле убиени 4,4 жени на еден милион жители.
На глобално ниво, според Обединетите нации, Африка е континентот со највисока стапка на фемицид – 30 жени на милион жители, како и со најголем апсолутен број на жртви со проценети 22.600 убиени жени во 2024 година. Во поширокиот европски регион стапката изнесува пет жени на милион жители.
Обединетите нации наведуваат дека 60 отсто од сторителите на фемицид во 2024 година биле интимни партнери или членови на семејството и ваквите убиства ги дефинираат како фемицид – намерни убиства мотивирани од родово базирани фактори, како нееднакви односи на моќ, родови стереотипи и штетни општествени норми./Извор:Makfax


