Сточарите и земјоделците на работ на опстанок – најавени општи протести.
На ден 22 декември 2025 година (понеделник), со почеток во 11:00 часот, дел од сточарите и земјоделците од целата држава ќе одржат ПРЕСС-КОНФЕРЕНЦИЈА пред Владата на Република Македонија, поради катастрофалната состојба во која се наоѓа македонското земјоделство, а особено овчарството, кое се наоѓа во завршна фаза на целосен колапс, најавија од Сојуз на одгледувачи на овци на Република Северна Македонија преку социјалните мрежи.
Сточарите се обратија и до јавноста:
Денес сме тука затоа што македонското овчарство се наоѓа на самиот раб на опстанок. Како Сојуз на одгледувачи на овци, имаме обврска јавно да укажеме на крајната неодговорност на државните институции, која директно води кон уништување на една од најважните и стратешки земјоделски гранки во државата.
1. Прекршени ветувања и законски рокови
Се наоѓаме на крајот на 2025 година, а сè уште не се исплатени субвенциите за одредени мерки од 2023 година, како и за целата 2024 година.
Владата имаше јасна и јавно дадена обврска – сите заостанати субвенции да бидат исплатени најдоцна до 30 јуни 2025 година.
Овој рок е пробиен пред речиси шест месеци.
Денес, наместо пари – владее молк.
Економска штета – парите вредат најмалку 20% помалку
Дури и доколку субвенциите бидат исплатени денес, нивната реална вредност е значително намалена.
Поради доцнењето:
не можевме навреме да набавиме сточна храна во периодот на жетва,
цените на храната во меѓувреме пораснаа за 30–40%.
Реалната вредност на субвенциите е намалена за минимум 20%.
Сточарите се двојно казнети – прво со доцнење, второ со инфлација.
3. Потценет труд и нелојален пазар
И покрај драматичниот раст на трошоците за производство и живот:
цените на јагнето и млекото остануваат понижувачки ниски,
откупувачите и преработувачите ја користат очајната состојба на сточарите,
државата не обезбедува никаква заштита.
Производството не ги покрива ниту основните трошоци.
4. Трагични последици – празни трла и нова сиромаштија
Ова не се статистики, туку човечки судбини:
сточари со децениско искуство ги распродаваат стадата,
фарми што хранеле семејства со генерации се затвораат,
луѓе кои произведувале храна за државата стануваат социјални случаи и невработени.
Нашите барања се јасни и недвосмислени:
Итна и неодложна исплата на сите заостанати субвенции за 2024 година, во текот на оваа недела.
Компензација за изгубената вредност на субвенциите поради доцнењето и поскапувањето на сточната храна.
Итна средба со ресорниот министер и Владата, со цел дефинирање заштитни (минимални) откупни цени за следната сезона.
Најава за општи протести
Доколку барањата не бидат исполнети,
од петок, 26.12.2025 година, најавуваме ОПШТИ ПРОТЕСТИ низ целата држава, со:
блокирање на сите главни сообраќајници,
протести кои ќе траат до целосно исполнување на барањата.
Ги повикуваме сите земјоделски здруженија и сите земјоделци да ни се придружат.
Државата им должи на земјоделците околу 1,5 милијарди денари само за субвенции за 2024 година.
Назад нема.
Ако не бидеме исплатени сега, следниот термин е март 2026 година, што е неприфатливо.
Трпението е потрошено.
Нашите семејства не можат да чекаат ниту ден повеќе.


