Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик:
Почитувани припадници на турската заедница,
Почитувани наставници,
Имам особена чест, во име на сите граѓани и во лично име, најсрдечно да ви го честитам 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик.
Образованието на мајчин јазик е важно човеково право, суштинско за зачувување и за градење на националниот и културниот идентитет, но и за персоналниот развој и успех.
На македонската држава, јазичниот императив ѝ беше јасен уште пред 81 година, кога ја воспостави наставата на турски јазик во тукушто ослободеното Скопје. Од тогаш до денес, континуирано и ревносно се негува турскиот збор, збогатувајќи го македонскиот мултикултурен идентитет.
По повод важниот ден за сите нас, а особено за Турците, им изразувам голема благодарност на сите наставници и образовни работници коишто со својот труд, љубов, професионализам и посветеност, го шират знаењето на турски јазик и активно учествуваат во воспитувањето на мудри, благородни и хумани млади луѓе.
Посакувам да продолжиме да бидеме пример за заедништво во различноста и да се гордееме со нашата заедничка татковина!
Честит нека ни е 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик.
21 Aralık Türkçe Eğitim Bayramınız kutlu olsun.
Гордана Сиљановска-Давкова


