Како што истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, по даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен.
Во прилог објавата на социјални мрежи од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски:
Конечно, Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Кога ја побарав поддршката од жителите на Бел Камен, внимателно ги слушнав нивните приоритети и секојдневните проблеми со кои се соочуваат. Најголемиот од нив, водата за пиење која со години била само празно ветување, кое никогаш не се реализирало.
Заедно со колегата Дарко Костовски, јавно се обврзавме дека овој проблем ќе го решиме веднаш по завршувањето на изборите.
Денес сме тука за да ги започнеме градежните активности и да го исполниме она што го ветивме.
Во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, започнуваме со поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри.
Овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
По поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.
Со тоа, конечно се става крај на долгогодишната голгота на жителите и се создаваат услови за нормално и достоинствено живеење.
Ваквите зафати ќе продолжат и во останатите населени места, затоа што решавањето на наталожените проблеми и подобрувањето на условите за живот се наш приоритет.
фото Град Скопје


