Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Мијовиќ Спасова од „Аналитика“: 80% од малолетниците слободно купуваат цигари иако е забрането

Тамара Мијовиќ Спасова, програмска директорка на тинк тенкот „Аналитика“, денес се обрати на Јавната расправа во Собранието на Република Северна Македонија на тема „Заштита на децата и младите од штетните влијанија од пушењето“. Во своето обраќање таа ги презентираше најновите истражувања и анализи на Аналитика и упати јасни препораки за законски измени и институционални интервенции со цел превенција и намалување на пушењето кај децата и младите.

Мијовиќ Спасова истакна дека пушењето кај младите во Македонија не е прашање на личен избор, туку резултат на слаба регулатива, недоследно спроведување на законите и висока општествена прифатливост на тутунот. „Во земја каде цигарите се меѓу најевтините во светот и каде малолетниците без проблем можат да ги купат, државата директно ја губи битката за јавното здравје“, нагласи таа.

Податоците што ги презентираше се особено загрижувачки:
Просечната возраст на започнување со пушење во Северна Македонија е 13,5 години, што значи дека пушењето почнува уште во основно училиште.
Според ESPAD 2024, 33% од учениците на возраст од 15 и 16 години барем еднаш пробале цигара, а 24% пушеле во последните 30 дена.

Дури 74% од младите пушачи започнуваат со пушење пред 13 години, а над 80% од пушачите ја формираат навиката пред 25-годишна возраст.

Најалармантно е што речиси 80% од младите пушачи никогаш не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст.

Според Мијовиќ Спасова, овие бројки јасно покажуваат дека пушењето кај младите е последица на прекумерна достапност на тутунот и недоволна институционална заштита, а не на информиран избор.

Во таа насока, Аналитика препорачува неколку клучни мерки кои, според меѓународни искуства и домашни анализи, даваат докажани резултати:

Зголемување на акцизите на тутунските производи. Анализите на Аналитика покажуваат дека зголемување на цените за 10% ја намалува веројатноста младите да започнат со пушење за околу 3%. Повисоките цени имаат најголем ефект кај децата и младите и кај домаќинствата со низок доход.

Наменско користење на приходите од акцизи за долгорочни, масовни едукативни кампањи, во кои ќе бидат вклучени образовните и здравствените институции.
Доследно и строго спроведување на законите што забрануваат продажба на тутунски производи на малолетници, како приоритет број еден во превенцијата.

Зајакнување и спроведување на забраните за пушење на јавни места, со цел заштита на јавното здравје и враќање на веќе постоечките законски решенија кои денес во пракса не се почитуваат.

„Иднината на децата и здравјето на граѓаните директно зависат од одлуките што ги носите вие како пратеници“, порача Мијовиќ Спасова. Таа апелираше пушењето да не се третира како изолиран здравствен проблем, туку како општествена криза и пораз на државата која предолго не презема доволно мерки за заштита на најмладите.
„Секое одложување значи нови генерации зависници, повисоки здравствени трошоци и изгубен човечки потенцијал. Потребни се јасни закони и нивно доследно и непристрасно спроведување“, заклучи таа.

Можеби ќе ве интересира

Кузеска: Измените на Законот за странци нов доказ за вистината

ДЕСК

Нова тура апсења на повеќе локации во Скопје: Седум лица лишени од слобода

ДЕСК

Драма во Прилеп: Граѓанин ја попречувал полицијата при службена интервенција

ДЕСК