Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на конститутивната седница на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) едногласно е избран за нов потпретседател на организацијата.
Герасимовски се заблагодари на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС за укажаната доверба и ја потврди својата заложба функцијата да ја извршува во интерес на граѓаните.
„Очекувам новиот состав на ЗЕЛС да биде на висина на својата задача и да воспоставиме конструктивна и конкретна меѓуопштинска соработка, без политизација и со целосна посветеност на граѓаните. Во следните четири години пред нас е сериозна задача: зајакнување на процесот на децентрализација, поголема фискална самостојност и пошироки ингеренции, со една единствена цел, да обезбедиме подобри проекти и услуги во нашите општини“, рече Герасимовски.
На седницата за претседател на ЗЕЛС е реизбран градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, а покрај Герасимовски за потпретседател е избран и Изет Меџити.
Делегатите дискутираа за предлог-стратегијата на ЗЕЛС за 2026–2030 година, како и за актуелните предизвици во локалната власт, со цел унапредување на работењето на општините и зајакнување на соработката меѓу локалните самоуправи.
фото Општина Центар


