Centar.mk
фото: Скриншот од видео на МВР/
МАКЕДОНИЈА

Преку мобилна апликација секој ќе може да си провери дали има казна од „Безбеден град“, ќе се бележи историја на прекршоци за секого

Граѓаните што направиле некој од четирите прекршоци што ги регистрираат камерите на „Безбеден град“ и без да им стигне известување преку порака или на имејл, ќе може да си проверат дали имаат казна. Министерството за внатрешни работи подготвува мобилна апликација, која ќе им биде достапна на возачите откога многумина пријавија дека направиле прекршок, но предупредување не добиле ниту во порака ниту на имејл, па стравуваат дека казната ќе заврши кај погрешен возач и нема да може да ја платат во предвидениот рок кога ќе почне целосно да функционира системот.

„Набргу е предвидено да почне да функционира мобилна апликација, која ќе биде достапна во ‘Гугл стор’, ‘Ап стор’, а исто така и на интернет, на која граѓаните ќе може да се најават и да проверат повеќе компоненти поврзани со ‘Безбеден град’ – имејлот и мобилниот телефон оставени за нивното возило, како и историја на сторени прекршоци од нивна страна. На самата апликација ќе има можност граѓаните да ги ажурираат оставените податоци за контакт, како и да остават забелешки доколку имаат за нив“, велат од МВР за „Макфакс“.

Од таму не одговорија конкретно на прашањето од „Макфакс“ дали камерите постојано снимаат и ги бележат сите возачи што ќе направат прекршок оти има граѓани што се сигурни дека направиле прекршок, а известување од МВР не добиле, но нагласуваат дека за почеток системот детектира само четири прекршоци, односно непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, поминување на црвено светло и управување со нерегистрирано возило.

Додека почне да функционира апликацијата, граѓаните одговори на прашањата поврзани со „Безбеден град“ ќе може да побараат на шалтерот во зградата на МРТ, кој од денес е во функција. Отворен ќе биде секој работен ден од 8 до 17 часот. Граѓаните на шалтерот ќе може да поднесат барање за промена на контакт-податоците, кои ги доставиле при регистрација на возилото, ќе може да пријават промена на податоците или да ги исправат во случај да добиле известување за прекршок со неточни податоци.

Ажурирање на податоците може да направат и во станиците за технички преглед на возилата, а во функција е и електронската пошта bezbedengrad@moi.gov.mk за забелешки, нејасности, прашања и проблеми со функционирањето на „Безбеден град“./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Инцидент во скопско село: Закани со огнено оружје по конфликт за паркинг

ДЕСК

Предновогодишна тепачка во угостителски објект во Скопје

ДЕСК

Детенце нападнато од татко на соученик во Скопје

ДЕСК