Денеска, градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски, заедно со министерот за транспорт Александар Николоски беа во увид на почетокот на градежните работи на улицата „Јуриј Гагарин“ во населбата Козле. Како што нагласи првиот човек на Општината, станува збор за реконструкција на улицата во рамки на „Проектот за поврзување на локални патишта во Република Северна Македонија“, кој што се реализира од страна на Единицата за имплементација на проект (ЕИП) при Министерството за транспорт, со финансиска поддршка од Светска банка, а со цел за подобрување на локалната инфранструктура.
-„Морам да истакнам дека сум задоволен што конечно ќе се реконструира улицата „Јуриј Гагарин“, во должина од околу 325 метри. Реконструкцијата на делот од улицата опфаќа рушење на постоечкиот асфалт од коловозот и тротоарите, а на делот од паркингот се врши орапавување на асфалтот. Предвидени се тротоари од бекатон по должина на улицата, согласно постојната состојба. Целата инвестиција ќе чини околу 7.500.000 денари, а изведувач на градежните работи е ДПТУ „СТЕНТОН ГРАДБА ДОО“. Со очекуваната динамика на изведба на градежните работи, после новогодишните и божиќните празници, карпошани од овој дел на нашата Општина, ќе може да се движат и да сообраќаат по целосно нова и ревитализирана коловозна патека“ – нагласи општинскиот татко Сотир Лукровски.
Првиот човек на Министерството за транспорт Александар Николоски, го изрази своето задоволство од реализацијата на проектот, од соработката со градоначалникот Лукровски, и најави дополнителни инвестиции во иднина во Општината.
– „По изборот на Лукровски за нов градоначалник на Општина Карпош, во соработка со него и општинските служби, го откочивме овој проект со кој значително ќе се подобри инфраструктурата на овој дел од улица „Јуриј Гагарин“. Исто така, во рамките на овој проект, најавувам и инфраструктурна реконструкција и на улицата „Петар Чаулев“ во населбата Влае , како и на десетина други проекти со кои ќе се подобри квалитетот на живеењето на граѓаните на Општина Карпош“ – нагласи Николоски.
И министерот за транспорт, изрази оптимизам дека согласно поволните временски прилики, реконструкцијата и инфраструктурната ревитализација на ул. „Јуриј Гагарин“ ќе оди со брзо темпо, со што жителите од овој дел на Карпош, ќе можат многу скоро да ја користат во реновирана употреба.
фото Општина Карпош
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


