Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Димитриеска-Кочоска од Истамбулскиот економски Самит: Глобалните промени не се закана, туку можност за развој

Македонија влегува во нова фаза на економска трансформација, со јасен фокус на инвестиции, дигитализација и фискална стабилност, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска во своето воведно обраќање на отворањето на Истамбулскиот економски Самит 2025, кој годинава се одржува на 11 и 12 декември под мотото „Нова рамнотежа и глобална соработка“,

Настанот ги собра носителите на економските политики, меѓународните финансиски институции, претставници од академската заедница и бизнис секторот од регионот и Европа, со цел да се разгледаат клучните прашања поврзани со глобалните економски промени, неопходните реформи и градењето на нови партнерства во свет исполнет со динамични предизвици.

Во своето обраќање министерката нагласи дека современите економии се соочуваат со силни притисоци, од геополитички ризици, до енергетски и технолошки шокови, поради што државите мора активно да работат на креирање адаптивни и отпорни системи.

„Светот не е ист. Геополитичките ризици, енергетските предизвици и економските шокови создадоа нова светска архитектура. Денес, глобалните економски и политички односи се движат со невидена динамика“, истакна Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека токму затоа државите, особено оние во развој, мора да дејствуваат проактивно.
Таа потенцира дека Македонија веќе гради економија заснована на фискална дисциплина, предвидливост и модернизација, обезбедувајќи подобри услови за приватниот сектор и инвеститорите.

Со тековните реформи во јавните финансии, приоритет е зајакнување на буџетската одржливост, повеќе средства за продуктивни инвестиции, зголемена транспарентност и ефикасност во трошењето на јавните ресурси.

Министерката го истакна развојот на човечки капитал и дигитализацијата како основа на новата економија. Владата работи на дигитални јавни услуги, подобрување на финансиската инфраструктура и интеграција на домашните компании во меѓународните пазари, истовремено поттикнувајќи ги младите да останат и да градат кариера во земјата.

„Новата глобална соработа не е само предизвик – таа е можност. Македонија е подготвена да биде дел од овие процеси – со нови инвестиции, реформи, партнерства и со јасна визија за иднината“, порача министерката, нагласувајќи дека државата избира да биде активен учесник во креирање економски решенија, а не пасивен набљудувач.

Фокусот на Истамбулскиот економски Самит 2025 е насочен кон економски политики за одржлив раст, јакнење на економската соработка меѓу државите и развој на нови партнерства.

Самитот ќе отвори дискусија за глобалната економија, одржливиот развој и зелената економија, енергетиката и финансиите, дигиталната трансформација, како и улогата на образованието за привлекување странски инвестиции.

Учеството на министерката Димитриеска-Кочоска претставува можност за унапредување на економската дипломатија и позиционирање на Македонија во регионалните процеси.

Можеби ќе ве интересира

СДСМ ОБЈАВИ: Британската телевизија GBN го потврдува договорот за мигранти: Ќе ве стационираме во Македонија!

ДЕСК

Ротари клуб Скопје Интернационал: Уметноста безбеден простор за менталното здравје кај младите

ДЕСК

Слушнал повеќе истрели од огнено оружје, па излегол да провери што е работата – полицијата пронајде 19 чаури

ДЕСК
error: Соддржината е заштитена.