Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Трагично е кога во една земја зборот политика се поврзува со зборот корупција, рече Гаши

Иако се претпоставува дека политиката треба да го подобри животот и да ја гради иднината, трагично е кога една земја ќе дојде до точка каде што за многу граѓани зборот политика се поврзува со зборот корупција. Ова е индикатор дека веќе не се соочуваме само со институционален проблем, туку со длабока рана во општествената култура, менталитет кој е вкоренет со години преку злоупотреби и разочарувања, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, во Клубот на пратениците на одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9 Декември.

Соочени со ваквата реалност, додаде тој, не е доволно само да реагираме, туку, пред сѐ, неопходно е сите заедно да размислиме, отворено да го признаеме предизвикот и храбро да дејствуваме.

„И на оваа раскрсница помеѓу предизвикот и реформата морам да нагласам дека новата национална стратегија за спречување на корупцијата 2026 – 2030 претставува неопходна пресвртница. Таа одразува нова визија за тоа како треба да функционира државата – визија изградена врз сериозна анализа на ризик, врз европските практики, како и врз обемни консултации со институции, експерти, меѓународни партнери и граѓанското општество. Додека стратегијата се наоѓа во својата најинтензивна фаза на подготовка, сакам особено да ја истакнам работата на Државната комисија за спречување на корупцијата и да ја реафирмирам целосната поддршка на Собранието за овој процес. Убеден сум дека ниедна стратегија, колку и да е добра, не може да даде резултати без одговорно, активно и независно Собрание во вршењето на своите функции“, рече Гаши.

Тој исто така рече дека корупцијата не е само законски прекршок, туку длабока општествена рана што го допира животот на секој граѓанин, ги разнишува темелите на демократијата и го забавува економскиот потенцијал.

„Таа е невидливата рака што им ги краде правата и надежите на луѓето. За жал, овој порок е и главната причина зошто нашите најсветли умови ја гледаат својата иднина надвор од земјата. И ова повеќе не е само начин на гледање на реалноста, туку факт потврден во секој меѓународен извештај и во секоја домашна анкета“, рече Гаши./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Обвинителството оформи предмет по допрен глас за наводите за транспорт на мозоци од починати лица во САД

ДЕСК

СДСМ: Молкот за дрогата од 5 тони е потврда дека скандалот оди до врвот на власта

ДЕСК

Во месец јануари 15.943 сообраќајни прекршоци, лишени од слобода 74 лица за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик

ДЕСК