Centar.mk
СВЕТ

Поплави во Индонезија: бројот на жртви надмина 750, еден милион луѓе евакуирани

Бројот на жртви од катастрофалните поплави и лизгања на земјиштето, што го погодија индонезискиот остров Суматра, се искачи на 753, а уште 504 лица се водат за исчезнати. Властите евакуираа еден милион луѓе од најзагрозените подрачја, а ова е драстично зголемување на бројот на жртви во споредба со вчера кога беа регистрирани 604 смртни случаи, пишува „Гардијан“.

Вкупно 3,2 милиони луѓе беа погодени од поплавите, 2.600 беа повредени, а еден милион беа евакуирани од области со висок ризик. Спасувачките екипи и хуманитарните работници се тркаат со времето за да стигнат до преживеаните, но нивните напори се попречени од блокирани патишта и урнати мостови како резултат на што некои области во северна Суматра остануваат недостапни.

Во Ачех, еден од најтешко погодените региони, на пазарите снемува ориз, зеленчук и други основни производи, а цените се зголемија трипати. Исламската организација за помош во храна, која испраќа 12 тони итна помош во храна, предупредува: „Заедниците во Ачех се соочуваат со сериозен ризик од недостиг на храна и глад доколку синџирите на снабдување не се обноват во следните седум дена“.

Индонезиската влада вчера објави дека испраќа 34.000 тони ориз и 6,8 милиони литри масло за готвење во Ачех и покраините Северна Суматра и Западна Суматра.

Светската здравствена организација (СЗО) исто така објави дека испраќа тимови за брза реакција и основни резерви во погодениот регион и го засилува надзорот за можното ширење на болеста.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, им рече на новинарите во Женева дека ова е „уште еден потсетник за тоа како климатските промени поттикнуваат почести и екстремни временски настани, со катастрофални последици“.

Додека сезонските монсуни често носат обилни дождови што предизвикуваат лизгање на земјиштето и поплави, годинешните врнежи од дожд беа засилени од ретката тропска бура што се формира во Малачката Теснина. Бурата опустоши делови од Суматра и јужен Тајланд, при што загинаа 181 лице.

Шри Ланка исто така се бори со катастрофални поплави и лизгање на земјиштето, кои беа погодени од посебна бура, циклонот Дитва. 410 луѓе загинаа таму, а уште 336 се сметаат за исчезнати.

Претседателот Анура Кумара Дисанајаке прогласи вонредна состојба за да ѝ помогне на земјата да се справи со она што го нарече „најпредизвикувачката природна катастрофа во нашата историја“./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

error: Соддржината е заштитена.