Државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова, денеска (1 декември) на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се обрати на отворањето на регионалниот проект насловен „Зајакнување на капацитетите за истрага, гонење и судење на АБХО-инциденти во регионот на Западниот Балкан“, обука под покровителство на ЕУ Центрите за совршенство за намалување на ризикот од АБХО и Инструментите за надворешна политика на Европската комисија. На отворањето се обратија и Бен Нупнау од Делегацијата на Европската Унија и Талгат Толеубајев, регионален координатор на Институтот за истражување на меѓурегионален криминал и правда на Обединетите Нации.
Државниот секретар Чуповска Ристова порача дека успешното справување со АБХО инцидентите зависи од беспрекорната соработка помеѓу институциите, професионалците во областа и државите.
„Потребни се истражители кои можат да обезбедат и анализираат чувствителни докази; лаборатории кои даваат точни и навремени резултати; структури за спроведување на законот кои дејствуваат безбедно и ефикасно; и судски институции кои обезбедуваат правична, информирана и законска постапка“, рече таа.
Чуповска Рисотва се заблагодари на организаторите и партнерските институции и експерти кои придонесуваат кон оваа клучна активност, укажувајќи на тоа дека нашата држава „останува целосно посветена на активното учество во вакви регионални проекти, препознавајќи го нивното значење за зајакнување и на националната и на регионалната отпорност.“
Проектот кој освен земјава, ги вклучува и Босна и Херцеговина и Црна Гора, со активноста во Скопје влегува во својата втора фаза, односно симулација на судски процес, каде ќе се поврзе теоретскиот сегмент со практиката. Во својата прва фаза, на активност во Сараево, учесниците се здобија со теоретски и аналитички познавања во однос на процедурите и пристапот кон истрагата, гонењето и судењето на АБХО-инциденти.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


