Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

„Интеграцијата во ЕУ не е луксуз, туку неопходност“ – во Собранието дебата за евроинтеграциите

Во свечената сала „Купола“ во Собранието денеска се одржа Осмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК), посветена на регионалните предизвици и реформските процеси на патот кон ЕУ. Годинашната конференција се одржа на тема „Реформи од другата страна на реториката: Регионални предизвици на патот кон Европската Унија“ со силен акцент врз новиот План за раст за Западен Балкан, кој носи економски придобивки, но и сериозни обврски.

Конференцијата ја отворија претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Националниот совет за европска интеграција, Венко Филипче, заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски, како и амбасадорките на Словачка, Ивета Хрицова и на Кралството Холандија, Узлем Џанел.

Во своите обраќања тие ја нагласија важноста на реформите, градењето институционална доверба и продлабочена регионална соработка како клучни предуслови за напредок кон Европската Унија, особено во контекст на новиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во своето обраќање нагласи дека европската агенда мора да биде државен приоритет, а реформите не смеат да зависат од дневната политика.

„Ве уверувам дека стратегискиот интерес на Македонија е дефинитивно насочен кон ЕУ“, изјави тој и додаде дека вклучувањето на невладиниот сектор е клучен на тој пат. „Интеграцијата не се мери по брзината на постапките, туку по довербата на граѓаните во институциите“, потенцираше Гаши и посочи дека „Ниту едно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот пат. Ова е момент за мотивација, а не за притисок. Интеграцијата не е луксуз, туку неопходност. ЕУ-интеграцијата не се гради во Брисел, туку во Скопје, кај нас, во нашите одлуки“, заклучи тој.

И другите говорници ја истакнаа потребата од реални, мерливи реформи, регионална поврзаност и практична примена на европските стандарди.

Во тој контекст, претседателот на Националниот совет за европска интеграција, Венко Филипче, рече дека Планот за раст на ЕУ не смее да остане пропуштена шанса.

„Јасно е дека единствениот пат напред се европските интеграции. Евидентна е волјата на ЕУ за проширување и доколку не ги забрзаме реформите, регионот ќе оди напред без нас. Во извештајот на ЕУ јасно е констатирано дека реформи нема, особено во правосудството. Но, ако вака продолжиме, не сум сигурен дека ЕУ нема повторно да не врати на ниво на скрининг“, поентираше Филипче, повикувајќи да преминеме од декларации кон резултати што ќе ја вратат довербата на граѓаните.

Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски, рече дека Националната конвенција е од голема помош на патот кон ЕУ, затоа што дава можност за дебата на повеќе нивоа, особено на полето на суштинските реформи кои произлегуваат од европската агенда. „Реформите мора да продолжат, ако не сакаме да се втурнеме во ќор-сокак“, рече тој.

Амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова, потенцира дека земјите што најмногу напредуваат се оние што најконзистентно ги спроведуваат реформите и дека примерите од Централна Европа покажуваат дека политичката волја е клучниот фактор. Таа вети дека ќе направи се што може за да се скрати процесот за пристап, кој од земјите аспирантки бара храброст.

„Мојата земја стои зад вас и ве поддржува многу силно. Добро знаеме колку е тешко да се зацврстат институциите, но тоа е возможно само преку реформите, во кои клучна област е владеењето на правото, бидејќи тоа креира доверба кај граѓаните. Вашата земја припаѓа во европското семејство и Словачка е подготвена да даде се што е во нејзина можност за да станете член на ЕУ“, изјави амбасадорката Хрицова.

И амбасадорката на Холандија, Узлем Џанел, предупреди дека владеењето на правото е суштински критериум. Според неа, храбрите реформи во правосудството не можат да се одложуваат — тоа е темелот на европските вредности: „Сега е време да се делува и не смее повеќе да се губи драгоценото време!“, рече таа, посочувајќи дека граѓанскиот сектор е тука да им помогне на креаторите на политиките да се покренат реформите, а секако Планот за раст финансиски да го помогне процесот.

„Приоритет на мојата земја е да го види просперитетен и стабилен Западен Балкан и тука сме да ви помогнеме во реформите, особено владеењето на правото што е фундаментален сегмент на патот кон ЕУ“, порача холандската амбасадорка.

На конференцијата учествуваа и пратеници, амбасадори, високи претставници на министерствата, судии, обвинители, адвокати, експерти од правосудството, како и претставници на институции и организации од Словачка, Србија и Албанија, академската заедница, граѓанскиот сектор и членовите на работните групи на НКЕУ-МК.

Инаку, конференцијата беше поделена во три панел-дискусии, преку кои се отворија три клучни прашања за засилување на довербата и солидарноста во европските интеграции, за владеење на правото надвор од политичката реторика, како и за економските реформи, конвергенцијата и регионалната поврзаност на земјите од Западен Балкан.

Панелите беа модерирани од национални и регионални експерти, а говорниците споделија компаративни искуства, предизвици и препораки за напредок на Македонија и регионот. Учесниците дискутираа за потребата од стабилни институции, транспарентност и предвидливост, како основа за враќање на довербата во процесот.

Конференцијата уште еднаш ја потврди значајната улога на НКЕУ-МК како платформа што ги обединува институциите и експертската јавност во насока на подготовка на државата за претстојните преговори со Европската Унија./Извор:Makfax

error: Соддржината е заштитена.