Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ го презентираа индексот на отвореност на општините за 2024та година. Од оваа година индексот вклучува и компонента за мерење на нивото на антикорупција на локално ниво. Индексот за отвореност на општините се мери 5-та година по ред.
Во 2024-тата година најотворени во однос на буџетирањето биле општините Крива Паланка, Аеродром и Делчево кои на индексот се највисоко рангирани. Сепак, општините можат направат повеќе во однос на механизмите за антикорупција. Според мерењето за нивото на антикорупција само 4 општини имаат задоволителен резултат.
На национално ниво индексот бележи минимален пораст во однос на оној за 2023-та година од 0,3 поени.
Настанот на тема: „Зајакнување на локалните антикорупциски мерки преку инклузивно и транспарентно буџетирање“, под мотото „Со вклучени граѓани до подобри општини“, е поддржан од СЕЛДИ – Регионалната мрежа за антикорупција, по што ќе следи модерирана дискусија и сесија за прашања.
Виктор Митевски од ЗМАИ верува дека е важно да се создадат услови каде мерењата на експертските организации ќе станат основа во финансирањето на проектите на локално ниво од страна на Централната власт и меѓународните партнери.
– Сведоци сме дека голем број граѓански организации ги мерат општинските процеси од различен аспект, а истовремено гледаме дека тие мерења влијаат на подобрување на состојбите. Веруваме дека е време да ги здружиме силите и заеднички да направиме еден унифициран индекс кој потоа ќе може да биде системски користен и од институциите и од сите донатори кои работат со општините. Иако прв пат го мериме нивото на мерките за антикорупција добро е дека немаме недоволен резултат кај ниту една од општините. Сепак, постои огромен простор за подобрување, особено кај јавните набавки, каде конкуренцијата е многу мала и утврдивме чести набавки со 1 понудувач. – изјави извршниот директор на ЗМАИ.
Митевски додава дека, честите промени на годишните планови за јавни набавки и нивната ниска реализација во дел од општините, отвораат сомнежи за можни злоупотреби. Затоа треба да создадеме систем во кој менаџерската одговорност ќе биде алатка со која граѓаните ќе можат да бараат одговорност и отчетност од општините.
На настанот говореа и панелистите меѓу кои: Душица Перишиќ, Извршна директорка на ЗЕЛС, Јулијана Павковска-Боцевска – Државен секретар, Министерство за локална самоуправа, Александар Кржаловски, Директор на Македноски Центар за Меѓународна Соработка, Александар Аргировски, државен советник од бирото за јавни набавки.
Во рамки на панелот истакнати беа повеќе аспекти кои влијаат на работењето на општините, од потребата за целосна дигитализација, до воведувањето на јавните консултации во буџетскиот процес и преку новото законско решение за локална самоуправа, потребата од користењето на сите можности кои ги нуди електронскиот систем за јавни набавки со цел подобро управување со јавните набавки. Граѓанскиот сектор пак, апелира на унифицирање на индексот преку здружување на организациите каде секоја организација би го следела сегментот за кој има најсилна експертиза, а државата би добила документ кој во целост ја отсликува отвореноста на општините и квалитетот на процесите на буџетирање и трошење на државните пари.


