Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија распоредила околу 170.000 војници во источната украинска област Доњецк, каде што се обидува да го заземе градот Покровск, пренесе „АП њуз“.
„Ситуацијата во Покровск е тешка“, рече Зеленски, додавајќи дека иако некои руски единици навлегле во градот, украинските сили ги уништуваат.
„Во Покровск има Руси. Тие се уништуваат, постепено се уништуваат, бидејќи мораме да го зачуваме нашиот персонал,“ изјави тој.
Рускиот претседател Владимир Путин неодамна тврдеше дека руската војска напредува, иако со големи човечки и материјални загуби.
Зеленски нагласи дека Украина возвраќа со напади врз цели во Русија за да ја наруши нејзината воена логистика. Шефот на украинската служба за безбедност Васил Малјук изјави дека од почетокот на годината Украина извела повеќе од 160 удари врз руски постројки за нафта, што, според него, предизвикало пад на домашното производство за 20 отсто.
Во меѓувреме, руските беспилотни летала погодиле станбени згради во Суми, при што биле повредени 11 лица, меѓу кои четири деца, и инфраструктура во областа Одеса.
Според Обединетите нации, бројот на цивилни жртви во Украина годинава е зголемен за 30 проценти во однос на 2024 година. Хуманитарниот координатор на ОН во Украина, Матијас Шмале, предупреди дека уништувањето на енергетските постројки на почетокот на студената сезона е „облик на терор“ и дека конфликтот „воопшто не изгледа дека ќе заврши наскоро“./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


