Украинската Главна разузнавачка управа (ГУР) извршила специјална операција во срцето на Русија и го уништила стратешкиот нафтопровод „Кољцевој“ во близина на Москва, јави украинскиот „Јунајтед 24 Медиа“. Станува збор за мрежа долга околу 400 километри, која го снабдувала руското воено воздушно и копнено снабдување со бензин, дизел и авионско гориво.
Според соопштението на ГУР, сите три линии на нафтопроводот биле уништени синоќа во истовремени експлозии во Раменскиот округ на московската област, со што целиот систем станал неоперативен.
„Сите три линии што се користеа за транспорт на бензин, дизел и млазно гориво беа успешно и истовремено уништени“, наведува украинската разузнавачка служба, додавајќи дека операцијата е спроведена и покрај руската противдронска одбрана и вооружено обезбедување.
Нафтопроводот „Кољцевој“ бил клучна логистичка врска меѓу неколку руски рафинерии и воени складишта. Неговата годишна пропусна моќ изнесувала до 3 милиони тони авионско гориво, 2,8 милиони тони дизел и 1,6 милиони тони бензин.
Руските итни и безбедносни служби брзо пристигнале на местото, но штетата на инфраструктурата, според украинските извори, била толкава што системот не може да се користи.
Шефот на ГУР, Кирило Буданов, претходно изјави дека украинските прецизни удари врз руската логистичка инфраструктура ѝ нанесуваат на Москва поголеми загуби од меѓународните санкции.
Ова не е прва операција од ваков тип – украинските служби претходно уништија и еден од тајните руски стратешки ракетни системи „Орeшник“ на полигонот Капустин Јар./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


