Нуклеарните тестови никогаш не треба да бидат дозволени под никакви околности, изјави портпаролот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, цитиран од АФП.
Ставот на светската организација доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе продолжат со тестирање на ново нуклеарно оружје.
„Генералниот секретар постојано изјавуваше дека моменталните нуклеарни ризици се веќе алармантно високи. Мора да се избегнува секоја акција што би можела да доведе до погрешна пресметка или ескалација со катастрофални последици“, нагласи портпаролот.
„Не смееме да го заборавиме катастрофалното наследство од повеќе од 2.000 нуклеарни тестови спроведени во текот на изминатите 80 години. Нуклеарните тестови никогаш не треба да бидат дозволени под никакви околности“, додаде тој.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, претходно објави дека издал наредба до Пентагон веднаш да продолжи со тестирањето на нуклеарно оружје.
Трамп ја оправда својата наредба велејќи дека другите нуклеарни сили одамна ги продолжиле тестирањата на своето оружје.
Русија, која има најголем нуклеарен арсенал – неколку стотици боеви глави повеќе од САД – и Кина реагираа со претпазлива критика на изјавата на Трамп.
Пекинг не тестирал нуклеарно оружје од 1996 година, Америка од 1992 година, а Русија од 1990 година./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...



