Денеска (31 октомври), министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со претседателката Гордана Сиљановска – Давкова се обратија на одбележувањето на 25 – годишнината од усвојување на Резолуцијата на 1325 на Обединетите Нации – Жени, мир и безбедност. На настанот во организација на Министерството за одбрана и Канцеларијата на UN Women се обратија и амбасадорот на Европската Унија, Маихалис Рокас и раководителката на канцеларијата на UN Women, Весна Ивановиќ – Кастаред.
Претседателката Гордана Силјановска Давкова истакна дека Резолуција 1325 утврди два темелни принципи – прво, заштита на жените и на девојчињата од родово заснованото насилство и второ, нивно рамноправно учество со мажите во борбата за мирот и безбедноста.
„Така, Советот за безбедност застана зад разумот и дијалогот, а не зад силата и зад војната. Денес, кога ја одбележуваме 25-годишнината од Агендата за жени, мир и безбедност и од Резолуцијата 1325, околу седумстотини милиони жени и девојчиња живеат во радиус од педесет километри од зоните на конфликтите, што е највисока бројка во последните три децении!“, рече претседателката.
Министерот Мисајловски информираше за напредокот во Министерството за одбрана и Армијата, при интегрирање на родовата компонента и родовите аспекти во законските, подзаконските акти и стратешките документи, особено осврнувајќи се на фактот дека во континуитет бројот на припаднички во Армијата се зголемува.
„Особено сакам да го истакнам процентот на офицерки кој достигна околу 23 проценти, бројка која постојано расте и е најголема досега. Овде би сакал да додадам дека забележителен успех можеме да видиме и во Министерството за одбрана, каде денеска процентот на жени кои се на раководни позиции изнесува над 50 проценти“, рече Мисајловски.
Тој додаде дека сето ова е постигнато со придонес од вработените во Министерството за одбрана, Армијата, Канцеларијата на UN Women и останати претставници од граѓанскиот сектор, кои постојано даваат придонес во промовирање на родовата еднаквост и имплементација на родовата перспектива во одбранбениот сектор.
„Правичната родова застапеност и создавање на еднакви услови за развој во кариера на жените и мажите е една од препознатливите политики и стратешки приоритети во Министерството за одбрана и во Армијата. Врвната професионалност и посветеност кон родовата рамноправност резултираа денес сите позиции да бидат отворени, односно да бидат достапни и за жените и за мажите. А во континуитет работиме и на зголемувањето на застапеноста на жените на раководни и командни позиции“, заклучи министерот.
Мисајловски порача дека во периодот што следува Министерството и Армијата ќе продолжат активно да се залагаат за спроведување на политиките за родова еднаквост, подигнување на свеста за еднакви можности и унапредување на позициите на жените како во Министерството, така и во Армијата.
На денешниот настан се реализираа и две панел дискусии посветени на националните искуства и лидерството на жените во безбедносните институции и мировните мисии.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...



