Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Нова поштенска марка ја одбележува улогата на жените во градењето мир, 25 години од Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН

По повод одбележувањето на 25-годишнината од историската Резолуција 1325 на Советот за безбедност на Обединетите нации за жените, мирот и безбедноста, Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија и Поштата на Северна Македонија ја промовираат пригодната поштенска марка и поштенски жиг посветени на женското лидерство во градењето мир и безбедност.

Резолуцијата 1325, усвоена на 31 октомври 2000 година, ја признава клучната улога на жените во спречувањето и решавањето конфликти, во мировните преговори, изградбата на мирот, мировните мисии, хуманитарните одговори и постконфликтната обнова.

Пригодната поштенска марка и поштенски жиг се дело на Нита Хаџихамза Гаши, талентирана дизајнерка и феминистка позната по своето смело визуелно изразување. Дизајнот прикажува жена што стои исправено и непоколебливо, таа е симбол на отпорност и сила, додека пушта бел гулаб што слободно се издигнува кон небото. Гулабoт го претставува универзалниот повик за мир, кој одекнува со надежта што секоја жена и девојче ја носи во себе за побезбеден, поправеден и порамноправен свет. Колоритните сино-жолти нијанси и чистите линии на дизајнот ја доловуваат и нежноста и решителноста, ја претставуваат трајната сила на жените кои водат, штитат и градат заедници дури и во времиња на неизвесност.

„Оваа пригодна марка е прекрасен потсетник за храброста, истрајноста и непоколебливата посветеност на жените за мирот и дека мирот не се создава само на преговарачките маси, туку и во домовите, заедниците и срцата каде што жените секојдневно стојат на првата линија,“ изјави Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија. „Таа испраќа силна порака за идните генерации дека траен мир и безбедност не може да се постигнат без еднакво учество, лидерство и глас на жените. Мирот е надеж и хармонија, и е повеќе од отсуство на конфликт. Мирот почнува со нас самите.“

Иницијативата претставува партнерство меѓу UN Women и националните институции во унапредување на Агендата за жените, мирот и безбедноста. Во изминатите 25 години, оваа агенда стана темел на глобалните заложби за поголемо учество на жените во процесите на донесување одлуки во секторите за одбрана и безбедност.

„Поштенската марка е повеќе од симбол, таа патува, носи пораки, поврзува луѓе и раскажува приказни. Оваа поштенска марка ја раскажува приказната за жените кои градат мостови таму каде што некогаш постоеле ѕидови, за нивната сила што го одржува мирот,“ истакна Димитар Димитровски, аналитичар за комуникации во UN Women Северна Македонија. „Секое писмо што ќе ја носи оваа марка ќе понесе симбол и желба, мирот да стигне до секој дом и секое срце.“

Со оваа иницијатива, Северна Македонија се приклучува кон глобалните заложби за оддавање признание на наследството на Резолуцијата 1325 и потврдување на посветеноста за зајакнување на жените како креаторки на мир и безбедност во своите заедници, но и во светот.

Пригодната поштенска марка и поштенскиот жиг се достапни преку Поштата на Северна Македонија на 30 октомври 2025.

Можеби ќе ве интересира

Министерот Минчев на средба со амбасадорот на Кралството Шведска Сулстром

ДЕСК

Меморандум на МОН и ИНОФЕИТ за соработка во унапредувањето на дигиталните вештини на наставниците, со фокус на вештачката интелигенција

ДЕСК

Полицијата тргна во акција – апсења на повеќе локации низ Републиката

ДЕСК