Австралиските власти покренаа истрага откако 80-годишна жена била пронајдена мртва на остров во рамките на Големиот корален гребен, откако туристички крузер ја оставил таму.
Според Би-Би-Си, жената пешачела со група патници на островот Лизард, околу 250 километри северно од Кернс, кога се одвоила за да се одмори. Бродот „Coral Adventurer“ испловил без неа, а по неколку часа, откако забележале дека недостига, се вратил и започнала потрага. Телото било пронајдено следното утро.
Австралиската управа за морска безбедност (AMSA) соопшти дека спроведува истрага и ќе разговара со екипажот кога бродот ќе пристане во Дарвин. Од компанијата „Coral Expeditions“ изјавија дека им изразиле сочувство и поддршка на семејството на жената и дека длабоко жалат за трагедијата.
Сведоци за „ABC“ изјавиле дека во потрагата биле вклучени хеликоптер и луѓе со бакли, но дека потрагата била прекината во текот на ноќта. Телото било лоцирано следното утро. Жената штотуку ја започнала 60-дневната тура околу Австралија, за која билетите чинат десетици илјади долари. Полицијата соопшти дека станува збор за ненасилна смрт без сомнителни околности./Извор:Makfax


