Неодамна во Германија е регистрирана нова доминантна варијанта на коронавирусот, која привлекува внимание на јавноста поради нејзиното необично потекло и можни симптоми.
Моментално доминантната варијанта на XFG, која странските медиуми често ја нарекуваат „варијанта Франкенштајн“, наводно е поврзана со силно печење во грлото, опишано како „грло како жилет“, покрај вообичаените симптоми на COVID-19.
Светската здравствена организација (СЗО) и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) го класифицираа XFG како „варијанта под надзор“. Ова значи дека неговото ширење внимателно се следи, но во моментов не е причина за зголемена загриженост.
Според најновите податоци од ECDC, нивоата на инфекција со коронавирус во Европа се уште се зголемени, но бројот на нови случаи сега се намалува во повеќето земји.
Варијантата XFG е создадена со спојување на две претходни подлинии – LF.7 и LP.8.1.2.
Прекарот „Франкенштајн“ првпат се појави на крајот од 2021 година, по откривањето на варијантата омикрон во Јужна Африка, кога научниците предупредија за висока стапка на мутации.
СЗО и германскиот институт Роберт Кох проценуваат дека ризикот поврзан со XFG е низок и дека во моментов нема цврсти докази дека специфичното болно грло се јавува почесто со оваа подваријанта.
Експертите истакнуваат дека симптомите како што се силно болно грло или засипнатост не се карактеристични само за COVID, туку можат да се појават и кај многу други респираторни инфекции. Поради ова, речиси е невозможно со сигурност да се разликува COVID-19 од грип само врз основа на симптомите.


