Две лица загинаа, а едно беше повредено денес во експлозија во од неодамна повторно отворен рудник во австралиската држава Нов Јужен Велс.
Премиерот на Нов Јужен Велс го нарече инцидентот „отрезнувачки потсетник“ за опасностите од индустријата.
Службите за итни случаи беа повикани во рударскиот град Кобар, околу 700 километри северозападно од Сиднеј, по пријавите за несреќа на работното место во која луѓе беа сериозно повредени, соопшти полицијата.
Полицијата извести дека загинатите веројатно се жена на околу 20 години и маж на околу 60 години, додека друга жена на околу 20 години е однесена со хеликоптер во болница поради полесни повреди и шок. Жртвите сè уште не се официјално идентификувани.
Австралиските медиуми објавија дека несреќата се случила во рудникот за сребро, цинк и олово „Ендевор“, во сопственост на „Полиметалс Рисорсис Лтд.“
Извршниот директор на „Полиметалс“, Дејв Спраул, изјави дека е „шокиран и тажен поради овој трагичен настан“.
„Активиран е тим за итна интервенција и соработуваме со сите надлежни органи. Рударските операции се привремено прекинати“, рече Спраул во соопштение за медиумите./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


