Centar.mk
БИЗНИС

Македонија домаќин на најголемиот светски собир за одржлива енергија – започнува 14-тиот Глобален форум за одржлива енергија (IFESD-14)

Скопје и Македонија, од вторник 28 октомври, ќе бидат во центарот на светската енергетска сцена.

Во периодот од 28 до 30 октомври 2025 година, во Скопје ќе се одржи 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), под наслов „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија / From Goals to Action: Powering the Future with Sustainable Energy“.

Огромен интерес – Над 1000 пријавени учесници од повеќе од 70 земји – меѓу кои високи претставници на меѓународни институции, економски лидери, академици и експерти – ќе се соберат во главниот град на Република Северна Македонија за да ја обликуваат иднината на енергетиката и одржливиот развој.

Настанот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на Обединетите нации (UNECE, UNESCAP, UNECLAC, UNECA и UNESCWA).

Форумот ќе започне со официјално отворање на 28 октомври (вторник) во Македонска филхармонија, кое ќе биде пренесувано во живо преку Македонската радиотелевизија (МРТВ).

На свеченото отворање ќе се обратат:
• Премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски
• Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
• Армен Григорјан, Постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП)
• Татијана Молчан, извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE),
како и високи претставници на владите, меѓународните организации и енергетскиот бизнис-сектор.
Во текот на тридневниот форум ќе се одржат низа панел-дискусии, технички сесии и тематски разговори на кои ќе се разгледуваат најактуелните прашања поврзани со енергетската безбедност и отпорност, финансирањето на чиста енергија, дигитализацијата на системите, управувањето со критични суровини, праведната транзиција, како и улогата на младите и жените во енергетската трансформација.

Целта на форумот е да се премине од глобални цели кон конкретни акции – со јасни чекори за диверзификација на изворите, забрзување на обновливите инвестиции и развој на регионална соработка за енергетска стабилност.

Во рамките на форумот, ќе биде потпишана „Скопје декларацијата“ – документ кој ќе остане како значаен траен запис за заложбите на земјите учеснички кон одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина. Со ова, Македонија ја зацврстува својата позиција на енергетската светска мапа како рамноправен и кредибилен партнер во глобалната транзиција.

Можеби ќе ве интересира

Вечерва нов драстичен раст на цените на нафтата

ДЕСК

Рудник САСА ја започна еко кампањата „Твојата грижа за планетата вреди х2“

ДЕСК

Курсна листа за 18 март 2026

ДЕСК