Епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски предупреди дека Скопје се соочува со закана за јавното здравје, повикувајќи на итна, координирана интервенција на сите надлежни институции.
Тој потсети дека неодамна дете било каснато од глушец во училишен двор во чија близина имало насобран отпад, што, според него, е „црвена линија што не смееше да се премине“. „Преминат е Рубиконот. Нема назад“, порача Даниловски.
Епидемиологот предупредува дека во услови на постојано натрупан отпад и недоволна дератизација, градот станува биолошки резервоар на зарази.
„Купиштата ѓубре создадоа идеални услови за развој и размножување на глувци и стаорци – познати преносители на сериозни заразни болести: лептоспироза, хантавирус, па дури и бубонска чума. Тие болести се пренесуваат преку урината, изметот, плунката и болвите на глодарите. Познато е дека стаорците се размножуваат според експоненцијална прогресија: во период од само 18 месеци еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци. Тоа е биолошки факт. Експоненцијалниот модел претпоставува неограничени ресурси како храна, вода и простор. Таа претпоставка во Скопје е исполнета!“, напиша Даниловски.
Додава и дека историјата нè потсетува дека неконтролираното ширење на глодари може да има катастрофални последици. Во Средниот век, меѓу 1347 и 1352 година, како пример во таа насока, бубонската чума („црната смрт“) однесе од 75 до 200 милиони животи – речиси половина од населението на Европа.
Повика на најитна, координирана интервенција на сите надлежни институции – по потреба и со прогласување вонредна состојба на делови од територијата на градот. Првенствено заради дезинфекција, дезинсекција, дератизација и отстранување на ризикот по јавното здравје.
„Во медицината постои еден етички принцип – Primum non nocere („пред сè, не прави штета“). Тој принцип мора да важи и надвор од медицината: за сите професии и институции што имаат допир со граѓаните. Причините – организациски, политички или финансиски – стануваат ирелевантни кога се доведува во прашање здравјето и безбедноста на децата и граѓаните.“ нагласи тој./Извор:Makfax