Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши оствари средба со делегација на пратеници кои во име на Европскиот парламент ќе ги набљудуваат локалните избори.
Членовите на Делегацијата доаѓаат од четири политички партии застапени во Европскиот парламент и тоа: Марта Темидо од Групата на социјалисти и демократи, Португалија; Карло Реслер од Европските народни партии, Хрватска, воедно и ко-претседавач на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија; Пјер Пимпи од Патриоти за Европа, Франција и Николас Фарантурис од Левица, Грција.
Претседателот Гаши изрази уверување дека претстојните локални избори ќе бидат спроведени во целосна согласност со највисоките демократски стандарди и ќе ја покажат демократската зрелост на земјата. Тој ја поздрави долгата и успешна соработка како и редовната комуникација со Европскиот парламент која најдиректно се одвива преку Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ- Северна Македонија. Нагласи дека и после 20 години од кандидатскиот статус, реформи, компромиси и тешки и болни одлуки, граѓаните на Северна Македонија остануваат верни на европските вредности.
Европратениците информираа дека како Делегација се дел од меѓународната набљудувачка мисија предводена од ОБСЕ-ОДИХР и дека иако досега учествувале во набљудувањето на избори во земјата многу пати, за првпат ќе следат локални избори. Нивната цел е да придонесат кон непристрасно и објективно мониторирање на процесот, но и да ја потврдат силната поддршка на Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.
Соговорниците разменија мислења и за подготовката на институциите за локалните избори, како и за текот на кампањата. Европратениците изразија надеж дека граѓаните на Северна Македонија на 19 октомври ќе го остварат своето гласачко право во мирна и демократска атмосфера, а претседателот Гаши посакувајќи им успех во набљудувачката мисија, нагласи дека со големо внимание ќе ги очекува нивните проценки, за кои изрази уверување дека ќе бидат позитивни и дополнително ќе го зајакнат кредибилитетот и транспарентноста на изборниот процес.