Сестра Жанета Богоевска Митева, долгогодишна вработена во Клиника Жан Митрев, е избрана за претседател на Европската федерација на асоцијации на сестри за интензивна нега (EfCCNa).
EfCCNa е водечка европска организација што обединува 35 национални асоцијации од 26 држави, со повеќе од 30.000 медицински сестри. Нејзината основна цел е унапредување на грижата за критично болните пациенти, поддршка на нивните семејства и развој на заеднички европски стандарди во клиничката пракса, едукацијата и истражувањето во областа на интензивната нега.
Сестра Жанета Митева од 2014 година ја претставува Македонија во EfCCNa, а во изминатите три години активно членува и во Управниот одбор на федерацијата, како и во Европската организација за сестри специјалисти (ESNO). Изборот за ново раководство беше одржан во рамките на есенскиот состанок на федерацијата, кој се одржа во Лондон од 10 до 12 октомври 2025 година, каде што сестра Митева беше избрана со едногласна поддршка од претставниците на европските држави.
„Голема чест и привилегија е што ја добив довербата на моите колеги од цела Европа. Овој избор не е само личен успех, туку признание за трудот, професионализмот и континуираната посветеност на медицинските сестри од Македонија. Благодарна сум на колегите од Клиниката и особено на д-р Жан Митрев за долгогодишната поддршка,“ изјави сестра Жанета Б. Митева.
Сестра Митева е дел од Клиниката „Жан Митрев“ повеќе од 24 години, со богато искуство во областа на интензивната нега и анестезијата. Позната е по својата професионалност, лидерски пристап и активна улога во континуираната едукација и развој на медицинскиот персонал.
Нејзиниот избор на чело на EfCCNa претставува значајно признание не само за Клиниката Жан Митрев, туку и за целокупниот систем на здравствена нега во Република Македонија. Ова претседателство ќе овозможи директна размена на искуства со водечки европски центри, примена на најсовремени стандарди и протоколи во третманот на критично болните пациенти, како и понатамошно унапредување на квалитетот на медицинската нега во земјата.
Со тоа, Клиника Жан Митрев уште еднаш ја потврдува својата посветеност на континуиран професионален развој, иновација и примена на највисоки европски стандарди во здравствената заштита.
Сестра Жанета Митева со својот избор ја афирмира Македонија и ја позиционира домашната медицинска заедница како рамноправен партнер во европското семејство на професионалци од областа на интензивната нега.