17. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
16.10.2025.Rovinj- Alkaloid Rovinj Lone
БИЗНИС

Мукаетов на конференцијата „Предизвикот на промените“ во Ровињ: „Континуираниот раст е возможен само кога целиме надвор од границите“

„’Алкалоид’ е присутен во ЕУ веќе 18 години, но фактот дека доаѓаме од земја која не е членка на Унијата секогаш носи дополнителни специфичности. Со домашен пазар од само 2 милиони жители, наспроти европскиот пазар со 448 милиони чинители, растот и развојот се возможни само доколку деловните видици се насочени надвор од границите.“

Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, за првпат зеде учество на водечката финансиска конференција во регионот „Предизвикот на промените“, која се одржува во Ровињ, Хрватска, од 15 до 17 октомври годинава, во организација на Загрепската берза и Хрватското здружение на друштва за управување со пензиски фондови и пензиски осигурителни друштва.

Во рамките на конференцискиот панел насловен „Регионални прваци: надвор од границите“, модериран од страна на Ивана Гажиќ, Претседателка на Управниот одбор на Загрепската берза, Мукаетов се осврна на предизвиците на компанијата низ годините и за време на неговото безмалку дведецениско раководење:

„Во изминатите две децении ’Алкалоид’ постојано растеше, и тоа не само низ призмата на приходите и пазарната вредност, туку и во однос на сопствениот капацитет да се справува со предизвиците, да носи храбри стратешки одлуки и трпеливо да гради доверба на меѓународните пазари. Од моето преземање на раководната функција во компанијата на само 32-годишна возраст, што беше предизвик само по себе, до денешната глобализација на ’Алкалоид’ се одвиваа сложени процеси на развој и трансформација. Во изминативе 20 години ’Алкалоид’ остварува импресивен континуиран раст: шесткратно зголемување на приходите (од 53,1 милиони евра во 2005 до очекуваните над 330 милиони евра во 2025 година) и зголемување на просечната цена на акциите речиси за седумпати (од 62 евра на околу 416 евра во истиот временски период). Сиот овој изоден пат е резултат на тимска посветеност, визија и јасна стратегија. И ќе продолжиме со истиот пристап со решителност, дисциплина, квалитет и знаење“, истакна Мукаетов.

Во делот од панелот наменет за предизвиците на регионалните берзи и за изнаоѓањето начини за нивно надминување, што може да поттикне промени во праксата и во регулативата, Мукаетов посочи:

„Македонија претставува мал, но специфичен пазар, каде што неколку blue chip компании имаат доминантна улога во тргувањето на Берзата, носејќи со себе високи очекувања од страна на јавноста и инвеститорите. Сепак, ограничениот пристап до финансии и ниската ликвидност во тргувањето кај другите компании на Берзата укажуваат на потребата од поактивна улога на институционалните инвеститори, јасна и транспарентна регулатива. Регионално, консолидацијата на берзите во единствена платформа или ентитет би донела поголема длабочина на пазарот, ликвидност, стабилност и подобра меѓународна видливост на компаниите.“

Покрај Мукаетов, говорници на панелот беа и Гордан Колак, Претседател на Управниот одбор на „Кончар“; Михал Кенѓа, партнер, инвестициски фонд „Ентерпрајз инвесторс“, и Лука Орешковиќ, Претседател на Советодавниот одбор на „Мплус“, партнер во „Просперус инвест“.

Конференцијата „Предизвикот на промените“, која традиционално се организира од 2012 година, претставува централна платформа за средба на повеќе од 550 претставници од домашната, регионалната и од меѓународната финансиска и бизнис-заедница. Покрај макроекономските трендови, годинава дел од темите беа и вештачката интелигенција во бизнисот и современите инвестициски стратегии за одржлива иднина.

ФОТО Алкалоид

Можеби ќе ве интересира

„Министерката Божиновска на средби со водечки компании од рударскиот и енергетскиот сектор Лондон„

ДЕСК

Електродистрибуција ја зајакнува нисконапонската мрежа со инвестиции над 10 милиони евра

ДЕСК

Стив Џобс ќе добие своја монета од еден долар во 2026 година

C +