Владата останува посветена на одржување на макроекономската стабилност и унапредување на економските перформанси со цел постигнување повисоки и одржливи стапки на економски раст. Во фокусот се и реформите во управувањето со јавните финансии и зачувување на фискалната дисциплина, со цел континуирана фискална консолидација. Ова беше истакнато на средбата на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, со извршниот директор на ММФ, Бо Ли, заменик генералниот директор на ММФ, како и со извршниот директор Јерон Клик, замениците на извршниот директор Марникс ван Рај и Владислав Рашкован, директорот на Европскиот оддел во ММФ, Алфред Камер и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја, Ник Гигинеишвили. На средбата учествуваше и гувернерот на Народната банка Трајко Славески.
„Позитивните трендови во економијата, кои започнаа во втората половина на минатата година, продолжуваат и во 2025 година. Стапката на раст на БДП во последните четири квартали, од вториот квартал 2024 до вториот квартал 2025, се движи околу и над 3%. Државниот завод за статистика неодамна објави податок за растот на БДП во 2024 година од 3%. Нашиот приоритет останува стимулирањето на економскиот раст преку инвестиции во инфраструктурата и одржување значително ниво на капитални расходи во структурата на јавните финансии“, истакна министерката за финансии.
Таа дополнително посочи дека стабилизацијата на економијата е поткрепена со дисциплинирана фискална политика.
„Остануваме посветени на одржување на фискалната стабилност преку фискална консолидација и зајакнување на дисциплината во управувањето со јавните финансии. Особено клучна улога ќе одригаат мерките за намалување на неформалната економија и подобрување на наплатата на даноците и приходите, како на централно, така и на локално ниво. Процесот на фискална консолидација веќе е започнат, а на среден рок се проектира намалување на дефицитот од 3,5% од БДП во 2026 година до 2,8% во 2029 година“, нагласи министерката, потенцирајќи го и воведувањето на е-фактурата.
Димитриеска-Кочоска се осврна и на процесот на приклучување на земјата во Единствената област за плаќања во евра – СЕПА, која носи многу бенефити за македонските граѓани и компании преку реализирање трансакции во евра со земјите од ЕУ на поедноставен, побрз и поевтин начин.