Градоначалникот и кандидат за нов мандат во Општина Центар, Горан Герасимовски, во разговор со Савка Тодоровска, борец за женски права и претседател на Националниот совет за родова рамноправност, истакна дека локалната самоуправа и во наредниот период активно ќе ги поддржува сите проекти посветени на родовата еднаквост и положбата на жените.
Општина Центар, во соработка со Националниот совет за родова рамноправност, во изминативе години обезбедуваат бесплатни советодавни услуги од психолог, правник и социјален работник за ранливите категории граѓани, особено за жените жртви на семејно и родово-базирано насилство.
„Послабиот пол е нашата најсилна страна, во семејството, општеството и во општината. Како локална самоуправа целосно ги поддржуваме сите иницијативи кои ја зајакнуваат положбата на жените, промовираат еднакавост и обезбедуваат заштита од насилство“, истакна Герасимовски.
Тодоровска ги повика жените да се вклучат во локалните избори и активно да учествуваат во демократските процеси кои ја обликуваат иднината на општината во која живеат.
По повод месецот октомври, посветен на борбата против ракот на дојката, Герасимовски и Тодоровска апелираа до жените да бидат одговорни кон своето здравје и редовно да прават превентивни прегледи.