Изјава за медиуми, д-р Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром:
Аеродром не заслужува повторно лаги, манипулации и неостварливи проекти, изминатиот период во директна комунукација со моите сограѓани јасно ми предочија дека на Аеродром му треба подобро образование, чиста и здрава средина, функционален јавен простор и институции што работат во интерес на луѓето.
Затоа, мојот концепт е јасен: Аеродром мора да стане општина по мерка на своите граѓани.
Младите ќе бидат во фокусот на сите политики. Создаваме фонд за млади, локален младински совет и стратегија за нивен развој. Ќе поддржиме млади претприемачи и младински организации, ќе овозможиме доквалификации и преквалификации, а училиштата ќе ги направиме современи, дигитализирани и безбедни места за учење и раст. Ќе обезбедиме финансиска поддршка за младите таленти и ќе организираме бројни културни и спортски настани од интерес на младите.
Нашата визија за чист и зелен Аеродром вклучува реорганизација на комуналните служби, воведување комунална полиција, редовно одржување на јавната хигиена и проширување на зелените површини. Ќе поттикнеме граѓани со еколошка свест, ќе изградиме нови игралишта и спортски зони и ќе овозможиме бесплатни здравствени прегледи и мобилни тимови за поддршка на возрасните.
Аеродром ќе биде безбеден и функционален урбан простор, со нови велосипедски патеки, паметен јавен превоз, урбани лаборатории за младите, паметно осветлување и целосно решавање на проблемот со кучињата скитници. Ќе воведеме дигитална администрација, јавен увид во трошењето на средствата и нула толеранција за корупција.
Во овој мандат ќе ги реализираме капиталните проекти кои ќе го променат ликот на општината: две нови детски градинки во Мичурин и Ново Лисиче, нова општинска зграда со мултимедијален центар за млади, мултифункционален културен центар, нов затворен базен, нови паркиралишта и реорганизација на паркирањето, крај на сообраќајниот хаос, покриен зелен пазар, пензионерски клубови, СМАРТ-осветлување во сите паркови и дворови на градинките и училиштата.
Драги Аеродромци, во недела, на 19 октомври, ве повикувам да излеземе на избори и да го поддржиме концептот што работи, создава и се грижи. Да се избориме за нашиот дом – за Аеродром што ќе биде подобро, почисто и посреќно место за живеење!