Во време кога нашата најголема река, Вардар, се соочува со сериозни еколошки предизвици, кандидатката за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, одговарајќи на новинарско прашање, го образложи приоритетот на заштитата и обновата на природниот екосистем.
„Секако дека мораме да почекаме да заврши судската постапка за „галиите“ од проектот Скопје 2014, но според мене, коритото и кејот на Вардар треба да бидат онака како што беа пред тие интервенции“, изјави Шукова.
Таа посочи дека присуството на овие објекти негативно влијае врз состојбата на реката и го нарушуваат природниот баланс. „На овие објекти тука не им е местото, а ние имаме обврска да го вратиме сјајот на Вардар и неговото корито онака како што го паметиме сите ние во Скопје“, додаде Шукова.
Заштитата на природните водни тела и нивниот екосистем не е само еколошко прашање, туку и темел на здрав и квалитетен живот за сите граѓани. Со јасна визија и планови за ревитализација, Шукова го поставува Вардар како центар на урбаната зелена инфраструктура, место за рекреација и симбол на здрава животна средина.
„Нашата намера е да го вратиме Вардар во неговата природна убавина, со одржливи решенија кои ќе обезбедат чиста вода, биолошка разновидност и пријатен простор за сите генерации. Само така ќе имаме вистински зелен град, во кој реката Вардар не е само природен ресурс, туку и срце на Скопје“, смета Каја Шукова.