Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Честитка од претседателката Сиљановска – Давкова по повод 11 Октомври – Денот на народното востание

Честитка од претседателката Сиљановска – Давкова по повод 11 Октомври – Денот на народното востание:

Почитувани сограѓани,

Ви упатувам срдечни честитки по повод 11 Октомври – Денот на народното востание!

На денешниов голем празник, уште еднаш им оддаваме почит на оние кои пред 84 години тргнаа во тежок и храбар востанички марш, жртвувајќи се за ослободувањето на татковината и создавањето македонска држава на рамноправни граѓани.

Да потсетам: востаниците со крв ја остварија визијата на нивните претци за слободна и независна држава. Уште еднаш се потврди дека земањето на судбината во свои раце и застанувањето на страната на правдата, наспроти најголемото зло – фашизмот, е победнички чекор!

Отпорот и антифашистичката борба на македонскиот народ, во време кога многу поголеми и посилни народи се придружија кон оската на злото, или се дистанцираа од војната, се доказ дека слободата, правдата и еднаквоста се вткаени во нашата слободарска и револуционерна традиција како неразделен елемент на македонската ДНК.

Во драматичните денови на Втората светска војна, покажавме дека обединети и сплотени, без оглед на социјалната, етничката, верската, идеолошката или друга припадност, можеме да ги победиме силата и неправдата. Затоа, прославата на 11 Октомври, не е само потсетување на една славна епопеја, туку повик за нејзино продолжување со дијалог во мир.

Живееме во тегобно време на војни и воени закани, срамни за 21 век. Битисуваме оптоварени со суштински проблеми во остварувањето на правото, правдата, хуманоста и солидарноста. Исправени сме пред нови предизвици, несвојствени за демократијата. Од нас се бараат илинденска и партизанска зрелост, мудрост и храброст во донесувањето клучни одлуки.

Повторно мора да бидеме обединети и сплотени, ако сакаме да го сочуваме она што го наследивме од оние кои тргнаа во востанички марш, водени од јасна визија, спремни за жртвување во ослободителната мисија!

Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание!

Можеби ќе ве интересира

Тошковски ја започна годината со посета на службениците на Солунска Глава, кои на 2500 метри височина го одржуваат телекомуникацискиот систем на МВР во функција

ДЕСК

Ранет маж во Охрид за новогодишната ноќ – бил нападнат со стаклен предмет

ДЕСК

Нападнат таксист среде Охрид за Новогодишната ноќ

ДЕСК