Во градот каде што утринските и попладневните гужви станаа секојдневие, а јавниот превоз заглавен во минатото, Каја Шукова, кандидат за градоначалник на Скопје од СДСМ, денеска ја претстави нејзината визија за модерен, брз и човечки сообраќај, како дел од Топ 20 проекти од нејзината програма.
„Граѓаните на Скопје се изморени од губење време, од прегреани автобуси, од хаотичен сообраќај. Потребни ни се конкретни решенија, а не импровизации“, рече Шукова на презентацијата на своите проекти.
„Првата линија Ѓорче Петров – Ново Лисиче како дел од БРТ системот, ќе биде пуштена во употреба до 2027 година. Во исто време, почнуваме со подготовка на втората, север-југ оска. Ова е долгорочно, европско решение кое целосно ќе го промени начинот на движење низ градот“, изјави таа.
Шукова најави и целосна дигитализација на ЈСП, нови еколошки автобуси, GPS-систем поврзан со мобилна апликација, дигитални табли и казни за уништување на возила или возен ред.
„Јавниот превоз ќе стане сигурен, достоинствен и достапен. За ранливите категории обезбедуваме субвенции. Ниту еден граѓанин нема да биде оставен на маргина“, истакна таа.
Покрај тоа, Шукова го најави и стартот на 10 крупни сообраќајни проекти:
„Мостот Влае – Карпош 4, тунелот под Лимак, мостот ‘Обединети Нации’ – тоа се зафати кои ќе го растоварат метежот и ќе заштедат илјадници часови изгубени во колони.“
Посебен акцент стави и на безбедноста. Со проектот „Зона 30“, брзината на повеќе клучни улици ќе се ограничи на 30 km/h, а пешачките премини и сигнализацијата ќе се унапредат.
„Безбедноста на децата ни е врвен приоритет. Овие улици мора да бидат безбедни, осветлени и прегледни. Ниту едно дете не смее да биде во опасност додека оди до училиште“, рече Шукова.
Во сообраќајната програма се вклучени и решенија за пешаци и велосипедисти: ослободување на тротоарите, изградба на нови вело-патеки и воведување на зона без камиони во центарот.
„Тротоарите не се паркинзи. Ќе воспоставиме 24/7 служба што ќе ги отстранува непрописно паркираните возила. Центарот на Скопје ќе дише, а не ќе биде затнат со товарен сообраќај“, истакна Шукова.