„Вечерва сме собрани сите заедно со една голема причина – да ја потврдиме довербата што ја градевме заедно изминативе години. Да покажеме дека Крушево е симбол на заедништво, напредок и визија. Јас сум горд што сум вашиот градоначалник, горд што сум ваш кандидат за нов мандат, и горд што зад мене стои тим советници од СДСМ – партијата која секогаш знаела да води, да создава и да реализира со дела токму тука во Крушево“, истакна на на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата, кандидатот за градоначалник на општина Крушево Томе Христоски.
Во своето обраќање, пред многубројните граѓани, Христоски се осврна на сработеното во изминатите години.
„Крушево и околните китни села доживеаа вистинска трансформација. Од основните потреби, па се до спортот, културата и туризмот, секој проект носи подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Денес Крушево е пример во имплементација на проекти во цела Македонија. Нови резервоари, пумпни станици, фекална и атмосферска канализација во Јакреново, Белушино, Пресил, Саждево, Норово и Борино. Современ мониторинг на водоснабдувањето и чиста вода.
Реконструиравме патишта до Крушевско Езеро и Мечкин Камен, главната улица, платото на Гумење и повеќе локални и регионални патишта. Создадовме нова мрежа која го олеснува секојдневното движење и ја зголемува безбедноста.
Нови возила, метларки, косилки, камиони, тракторите ги заменивме со современи камиони за отпад.
Реновирани градинки и училишта во Бучин, Борино, Белушино и Крушево, опремени со современа опрема. Посебна поддршка имаа ранливите категории.
Нови игралишта, фитнес зони, реконструкција на спортска сала и инклузивни детски игралишта.
Реконструкција на Горната училишна зграда, уреден градски парк и улица „Тоше Проески“. Крушево стана „Град на културата“, препознаен во цела Европа. Изградивме и достојно почивалиште на нашата поп икона и музичка ѕвезда Тоше Тодор Проески, со трајна почит кон неговата музика и хуманост. Поддржавме стотици други културни настани.
Реконструкција и проширување на полетувалиштето, велосипедски патеки, паркинзи и осветлени тротоари – денес Крушево е во топ трета дестинации за параглајдинг во светот. Оваа година имавме светско првенство за параглајдерство.
Санација на браната на Крушевско Езеро, нови мостови, LED осветлување низ целиот град.
Ова не се само проекти – ова е заедничка победа. Победа на секој жител, секое семејство и секое маало во Крушево“, подвлече Христоски.
Нагласи дека Крушево заслужува уште повеќе, приказната за Крушево, кое е симбол на заедништво, храброст и напредок мора да продолжи.
„Во следните четири години ќе направиме голем исчекор: Нова мрежа, современ систем за следење, нови пумпи и електроопрема за секој дом да има стабилно водоснабдување и чиста вода за пиење. Интегрирано управување со отпадот, нови контејнери, современ камион, центар за отпад, чистење диви депонии и решавање еднаш за секогаш на горливото прашање, а тоа е депонијата во градот. Во наредниот период ќе ја започнеме обиколницата околу Крушево за да го растовариме сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и да го намалиме загадувањето. Ново полетиште ќе имаме на „Црн Врв“ со два терени за параглајдинг и нови планински и велосипедски патеки со дигитална мапа. Наредната година имаме европско првенство за параглајдинг. Спортско-рекреативен центар „Гумење“, ќе биде еден од најголемите и најубавите паркови во Пелагонскиот регион, со пешачки патеки, детски парк и smart LED осветлување. Реконструкција на Домот на културата и модерен Градски пазар. Нови патишта до Свети Спас, Свети Василие и „Ручало“ со паркинг за 50 возила. Реконструирани училишта, дуално образование, субвенции за сите средношколци во СОУ „Наум Наумоски – Борче“ – Крушево и секако доградба и реконструкција на подрачното училиште во село Норово, кое сакаа тие да ни го закочат. Финансиска поддршка за секое новороденче – затоа што иднината почнува со нив, најмладите. Поддршка за ранливи категории: еднократни помоши, корисна работа за старите и изнемоштени лица со помош во домот, преку која ангажираме 30 луѓе од нашиот град и нашата општина. Поддршка за спортски клубови, културни здруженија и меѓународни натпревари во параглајдинг.
„Ова е нашата визија – Крушево кое е модерно, европско, напредно чисто и полно со живот. Ова не е само програма. Ова е визија. Ова е животна шанса за секој од нас. Ова е вистински референдум и вистинско, референдумско произнесување за Крушево и каде сакаме да го гледаме нашето Крушево, она до 2017 или ова денес. Разликата е јасна – каде беше Крушево до 2017 година и каде е денес. Денес е модерен град, гордост и симбол на Македонија“, нагласи Христоски.
Ги повика граѓаните заедно сите Македонци, Албанци, Власи, Турци, Бошњаци, Роми на 19 октомври, да го дадат својот глас за сигурниот пат.
Јас не ветувам невозможни работи. Јас ја ветувам истата чесност, иста енергија и иста борбеност како и изминативе осум години. Ветувам дека ќе бидам вашиот глас, вашиот сојузник и вашиот искрен и отворен градоначалник, како и досега. Сега е моментот повторно да застанеме заедно. Да го зачуваме она што го изградивме и да продолжиме уште посилно, уште похрабро и уште поодлучно. Најдоброто за Крушево допрва доаѓа, порача кандидатот за градоначалник на општина Крушево Томе Христоски.