Кандидатот за градоначалник на Општина Центар и актуелен градоначалник Горан Герасимовски, денеска се сретна со Мартин Пановски, реномиран и наградуван архитект, поранешен претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и косопственик на архитектонското биро „Радиус архитекти“.
Герасимовски го запозна Пановски со идните приоритети во програмата во делот на урбанизмот, визијата за развој на општината, како и со досега реализираните проекти во Центар.
„Изминативе четири години иницирав неколку системски решенија, меѓу кои и онаа за конфискација и пренамена на дивоградби, што веќе се преточи во законско решение. Поднесена е и иницијатива за доокрупување на градежните парцели. Со општинскиот тим архитекти донесовме нови правила за да воведеме ред во градењето“, истакна Герасимовски.
На средбата двајцата соговорници разменија мислења за идниот изглед на општината, урбанистичките планови и инфраструктурата. Се согласија дека Центар има потреба од повеќе зеленило, смирен сообраќај и балансирано развивање на станбени, деловни и рекреативни зони.
Герасимовски најави дека во програмата се предвидува уредување на улици со современи пјацети, партерно уредување на улиците „Коле Неделковски“ и „Христо Смирненски“, хортикултурно средување од Зелено пазарче до улица „Македонија“, реконструкција на „Ленинова“ и други сообраќајници, како и заживување на заборавени објекти , меѓу кои и поранешниот ресторан „Езерце“, кој буди носталгични чувства кај скопјани.
Дополнително, беше разговарано и за решавањето на горливиот проблем со паркирањето преку изградба на катни гаражи и новата општинска зграда.
„Овој објект ќе биде симбол на отвореност и модерна општина, со подземен паркинг за околу 300 возила, што ќе го растовари сообраќајот во Дебар Маало. На архитектонскиот конкурс веќе се избрани три најдобри решенија. Се заблагодарувам на архитектонската фела за нивната поддршка во реализацијата на капиталните проекти,“ истакна Герасимовски.