16. септември 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“ – Росица сведочела за заканата од Илија кој подоцна ја уби

Обвинителството го објави записникот од испитувањето на Росица Коцева (31) од Велес, даден на 9 септември годинава, само неколку дена пред таа и нејзиниот татко Киро Коцев (68) да бидат брутално убиени од нејзиниот поранешен партнер Илија Стефановски.

Во исказот, Коцева детално опишала низ какви закани и насилство поминувала последните месеци. Таа изјавила дека по прекинот на заедничкиот живот во октомври 2024 година, имала повремена комуникација со Стефановски. Заминала со него на патување во Софија за да му помогне оти го владеела јазикот, па така на 27 декември 2024 година настанала расправија.

Илија барал од неа да ја обноват врската, а кога таа го одбила и се обидела да ја отвори вратата од автомобилот, тој ѝ рекол: „Ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“.

Илија, потоа ја повикал Росица во својот дом во Ѓорче Петров, а таа се согласила само под услов да биде таму и неговата мајка.

„Тој ја повика неговата мајка, но во истиот момент почна со малтретирање кон мене, пришто ме удираше по целото тело, ме заклучи во неговиот дом, но не можам да се сетам колку време бев затворена, со оглед на тоа што немав телефон со мене“, сведочела.

Во записникот стои и дека, според нејзините зборови, тој насилно се однесувал и со неговата мајка, туркајќи ја. Росица ја молела мајка му да повика полиција, но и нејзиниот телефон бил одземен од Илија.

Наредниот ден му кажала дека ако ја пушти ќе се обиде да побара помош за да ја обноват врската, па тој се согласил.

Во завршниот дел од исказот, Коцева останала на предлогот за гонење на Стефановски.

Наскоро по оваа пријава, следеше трагичниот настан по кој таа и нејзиниот татко загинаа.

Хронолошки, во април годинава, Основното јавно обвинителство во Велес поднело обвинителен предлог против Илија Стефановски, човекот кој подоцна ја уби Росица Коцева и нејзиниот татко. Во предлогот биле опфатени два настани: загрозување на сигурноста на 20 февруари и насилство во ноќта меѓу 3 и 4 март, кога партнерот на Росица добил полесна телесна повреда. Извршеното психијатриско вештачење покажало дека Стефановски не боледувал од душевна болест, бил целосно пресметлив, информираа од Обвинителството.

Само еден месец подоцна, на 18 мај, Стефановски повторно се појавил пред домот на Росица, го одзел и го запалил автомобилот на нејзиниот татко. Три дена подоцна, на 21 мај, таа поднела нова пријава за неизвршување судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство, тој продолжил да ја вознемирува.

На 26 јуни обвинителството издало наредби до МВР – за прибирање докази од телефонската комуникација и за обезбедување четири видеоснимки од различни локации во Велес.

На 9 септември Росица повторно дала исказ во Обвинителството во Скопје, при што се изјаснила дека останува на предлогот за кривично гонење на Стефановски. Веќе следниот ден, на 10 септември, Основниот суд во Велес донел пресуда со која му изрекол условна казна. Судот ги укинал речиси сите мерки на претпазливост, а во сила останала само забраната за приближување и контакт со оштетената и нејзиниот партнер.

Само пет дена по оваа пресуда, Росица и нејзиниот татко беа пронајдени мртви – убиени од истиот човек против кого таа повеќе пати сведочела и барала заштита./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

СДСМ: Шамар за скопјани-ВМРО-ДПМНЕ го наградува виновникот за Дрисла со носител на листа во Скопје

C +

Мицкоски: Идентификувани 20-тина лица поврзани со пожарите

C +

СДСМ: После толку многу манипулации со изјавите – на Мицкоски не може да му се верува

C +