14. септември 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Како ќе реагира Европа на ултиматумот на Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп упати ултиматум до сојузниците во НАТО, барајќи воведување „големи“ санкции кон Русија и целосен прекин на купувањето руска нафта. Тој најави дека САД ќе воведат нови мерки само кога сите земји од Алијансата ќе се обврзат на истото.

„Подготвен сум да воведам големи санкции кон Русија кога сите земји членки на НАТО ќе се усогласат и ќе престанат да купуваат нафта од Русија. Во секој случај, јас сум подготвен да ‘тргнам’ кога и вие ќе бидете. Само кажете кога,“ порача Трамп во писмото објавено на социјалните мрежи.

Покрај тоа, тој побара и зголемување на царините кон Кина, меѓу 50% и 100%, како демонстрација на сила, оценувајќи дека таквиот чекор би помогнал побрзо да заврши војната меѓу Русија и Украина.

Европската унија веќе воведе забрана за увоз на руска сурова нафта и нафтени деривати по море, но некои земји и понатаму купуваат руски фосилни горива, особено течен природен гас. Според аналитичарите, исполнувањето на условите на Трамп би значело голема промена во рамките на Алијансата, но останува неизвесно дали постои колективна волја за такви мерки.

Иако Трамп претходно бараше и санкции за Индија, во најновата порака до НАТО таа не беше спомената. Аналитичарите оценуваат дека тоа е поврзано со фактот што ЕУ е во завршна фаза на преговори за трговски договор со Индија, што ја прави малку веројатна согласноста на Брисел за дополнителни царини.

Со обраќањето до НАТО, а не до ЕУ, Трамп во условите ја вклучи и Турција – трет најголем купувач на руска нафта по Кина и Индија, што дополнително ја нагласува тежината на неговите барања.

Во меѓувреме, романското министерство за одбрана соопшти дека во саботата пресретнало дрон кој влегол во нивниот воздушен простор за време на руски напади врз Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека дронот летал во воздушниот простор на НАТО „околу 50 минути“, додавајќи дека тоа е свесно ширење на конфликтот.

„Руската армија точно знае каде одат нивните дронови и колку долго можат да останат во воздухот. Нивните рути се секогаш пресметани. Ова не може да биде случајност или грешка. Тоа е очигледно проширување на војната,“ напиша Зеленски.

Инцидентот дојде по слични упади на руски дронови во полскиот воздушен простор претходно оваа недела, по што НАТО најави засилување на безбедноста на источниот фронт. Американскиот државен секретар Марко Рубио упадот во Полска го оцени како неприфатлив, несреќен и опасен развој на настаните./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Зеленски: Русија ја шири војната, Западот мора превентивно да делува

C +

Напад со дрон предизвика пожар во втората најголема рафинерија во Русија

C +

Експлозија во кафуле во Мадрид, 14 повредени

C +