Каја Шукова, кандидатка за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, во интервју за Рацин.мк зборуваше за нејзините приоритети како иден прв човек на градот.
Меѓудругото Шукова се осврна и на културата и фактот што токму Скопје во 2028 година ќе биде европска престолнина на културата.
За да се оправда сето тоа, вели Шукова, пора под итно да се работи на ревитализација на Универзална сала, но и на другите репрезентативни културни објекти.
„Еден од проектите важен за Скопје европски град на културата во 2028 е Универзална сала. Значи, универзалната сала мора под итно да ја решиме. И не е само универзалната сала. Вие имате еден младински културен центар или повозрасните го паметат Дом на млади 25 мај. Тој во моментов е тотално нефункционален. Јас сум пеела со хорот во 25. Мај и тоа било место каде што сме се дружеле, многу повеќе сме се поминувале, каде што имало па и дискотека, имало мандолински оркестар, имало хорови, значи, имало се. Разбирате? Точно се знае кој од објектите ќе треба да бидат ревитализирани за да можеме да се прикажеме добро во 2028 година. Немаме време“ вели таа.
Шукова додаде и дека од исклучителна важност е соработката помеѓу локалната градската и централната власт, за да не се повтори оној срам од организацијата на Европскиот младински олимписки фестивал
„Делот на културата за град Скопје е веќе завршен во програмата за град Скопје. Ние имаме решение, меѓутоа, ако не се соработува меѓу централната, локалната власт, ако не соработуваат градот Скопје и општините, нема да постигнеме ефект. Ќе се посрамиме како што се посрамотивме со Младинската олимпијада. Значи, мораме сите заедно. Ако сакаме да покажеме дека сме функционална држава, дека имаме функционални општини, мораме да работиме заедно“ заклучи Шукова.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...