Зборувајќи за сообраќајниот хаос во центарот на Скопје, кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова во интервју за Рацин.мк порача дека „Мал ринг“ мора да стане пешачка зона.
Таа, ова тврдење го темели на егзактни податоци
„Мал ринг“ мора да се воспостави како пешачка зона и нема да зборувам на памет, ги имам податоците и не сакам да импровизирам. Значи, тоа е секако во централното градско подрачје и планот за тој дел е фактички да прерасне во пешачка зона. Е сега, првата интервенција е да се затвори улицата Димитрија Чуповски од Палома Бјанка до Порта Македонија и тоа е во должина од 400 метри“ порача Шукова.
Таа додаде дека за да се случи тоа потребни се сообраќајни решенија на сообраќајниците кои гравитирааат околу „Мал ринг“.
„Тој дел треба да си биде партерно уреден, среден, пешаците да можат слободно да се движат, оние кои што живеат тука да имаат пристап до своите домови со своите возила. Значи тоа е самата пракса која што е разгледувана и во околните градови, а да не зборуваме за Западните земи. И сега, фактички, „Мал ринг“ ќе предизвика прераспределување на автомобилскиот, моторниот сообраќај, кој ќе се прелее делумно по периферијата на малиот ринг, како Булевар Гоце Делче, улица Филип Втори, улица Даме Груев и булевар ВМРО. А делумно, транзитниот сообраќај ќе се одвива по работ на големиот ринг, односно Булевар Климент Охридски, Булевар Никола Карев, Крсте Петков Мисирков, Кочо Рацин и Свети Климент и Методиј. Значи, вие правите режим во централното градско подрачје, кој што ќе биде добар пред се за пешаците, а потоа ќе направите режим и за движење и за возилата. И мислам дека ова е проект кој што е изработен години наназад, беше и во времето на Петре Шилегов, и тоа треба да се спроведе, и мислам дека и од еколошка гледна точка, и од безбедносна гледна точка, потребно е вакво нешто во Скопје.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...