Граѓанските организации ќе добијат свое место на советничката листа на претстојните избори во Општина Центар. Ова го најави градоначалникот Горан Герасимовски на средба со претставници од граѓанските организации, упатувајќи им повик самите да предложат кандидат кој ќе ги застапува интересите на локалната заедница во идниот општински совет.
На својот Фејсбук профил, Герасимовски потенцира дека на негов предлог невладиниот сектор треба да даде свој предлог за советник што ќе ги брани интересите и правата на граѓаните.
„Одиме чекор напред, од вас, но и од други групи на граѓани да побараме предлози за да направиме една советничка листа којашто нема да биде само партиска, туку ќе биде и граѓанска. Сакаме да вклучиме што повеќе луѓе од различни позиции, од невладини организации, од здруженија, за да дадат свој допринос во начинот на функционирање и креирање на политиките на општината, се со цел подобрување на условите за живот на нашите граѓани“, порачува Герасимовски.
Тој истакнува и дека Советот на Општината функционира одлично без разлика на советничките групи, од која политичка партија доаѓаат.
„Сите оние добри проекти без разлика од кого потекнуваат, преку буџетските форуми преку анкетите, преку многуте дискусии и состаноци кои ги имаме ги прифаќаме без разлика од кого доаѓаат“, изјавуваат од општината.
Актуелниот градоначалник Горан Герасимовски ќе бара доверба за втор мандат на локалните избори што треба да се одржат на 19 октомври.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...