ВМРО-ДПМНЕ го одзеде идентитетот на Скопје, порача денеска Каја Шукова кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ која денеска беше во посета на Централното градско подрачје „Мал Ринг“.
„Централното градско подрачје, познатиот „Мал ринг“ кој е срцето на Скопје, сега е задушен, поради деструктивните импровизации на ВМРО ДПМНЕ и незаинтересираноста на нивната менаџерка Данела Арсовска. ВМРО ДПМНЕ брутално го осквернави идентитетот и архитектурата на Скопје – скапо платен со народни пари, а со трајни последици по јавниот простор. Денес, строгиот центар на Градот е задушен од објекти, прекумерен сообраќај и без соодветна инфраструктура за пешаците и велосипедистите. Тоа време мора да остане зад нас! “, изјави Шукова денеска.
Оттаму таа ја сподели сопствена визија за центарот на градот за кој рече дека тој мора да биде во функција на пешаците, туристите, велосипедистите, не на автомобилите.
„Време е на Скопје да му го вратиме ликот на вистинска метропола – град кој ќе биде пристапен и функционален. Мојата визија за „Мал ринг“ е суштинска промена на центарот на градот. Проект кој подразбира затворање на мал ринг за сообраќај, адаптиран за пешаците и велосипедистите. На Рекорд ќе има дозвола за превоз само за ЈСП и специјални возила. Ќе го заживееме јавниот простор со урбана опрема и ќе воведеме посебни содржини. Центарот многу брзо ќе го добие ликот како што заслужува нашето Скопје и ќе го врати сјајот на метропола“, рече Шукова.
Каја Шукова исто така најави дека „Мал ринг“ ќе биде почетокот на трансформацијата и ревитализацијата на Скопје во град кој не само што ќе го следи, туку ќе го поставува темпото за урбаниот развој во регионот.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...