Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на Левица, Амар Мециновиќ, на социјалните мрежи упати критика кон досегашните власти и повика на мобилизација на сите слободоумни луѓе кои го сакаат својот град:
„Скопјани, кои го изградија градот, не можат да обезбедат домови во него, поради лудите цени од нехуманата урбанизација!
Не можат да се движат низ Скопје, поради недостаток на јавен превоз – не можат никаде да се социјализираат без да мораат нешто и некому да платат, во недостаток на јавни површини и чист простор.
Животот во Скопје не мора да биде ваков, но политичарите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ токму тоа и го сакаат.
За да можат да скројат Генерален урбанистички план за фирмите на нивните донатори и соработници. Да можат од секоја потреба на граѓаните, да направат за себе чист, сиров кеш и да ни го трошат достоинството во изгубени години и прилики.
Сигурно нема да им бидат приоритет потребите на обичниот скопјанец. На сите нас, кој го сочинуваме овој град.
Затоа – ајмо!
1. Скопје со целосен фокус на јавниот превоз – да станеме град во кој автомобилите не се потребни!
2. Генерален урбанистички план направен за нас, а не за нив и нивните фирми: нови правила на игра за урбанизација, да стане домувањето во овој град повторно достапно и да се зачува животната средина!
3. Нов почеток во градското функционирање со фокус на општото добро наспроти корпоративниот интерес – чистиот воздух е побитен од профитот на индустријалците!
Наскоро ќе зборуваме и за нов концепт за наплаќање на комуналиите со социјален карактер, но одиме чекор по чекор.
Сега ни треба мобилизација на сите слободоумни луѓе кои го сакаат својот град.
“СЕГА” – напиша Мециновиќ.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...