24. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Овие избори се референдум за достоинството и еднаквоста на Албанците

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, остро ја критикуваше, како што рече, системската политика на новата влада насочена кон маргинализација и потиснување на Албанците. Во своето обраќање, тој порача дека не станува збор за изолирани случаи, туку за „координиран проект на елиминација“.

„Владата на ВМРО и ЗНАМ, предводена од Христијан Мицкоски, во полн интензитет продолжува да ја спроведува политиката која треба да ги отстрани Албанците од општествените текови, враќајќи ги на нивните периферни позиции од пред Рамковниот договор“, изјави Османи.

Тој го обвини премиерот Мицкоски за „длабока нетолеранција кон Албанците“, која, според него, се манифестира и на лично и на институционално ниво.

„Оваа политика на Мицкоски неретко ја гледаме како израз на неговиот личен карактер: ‘ќе ги вадиме за уши’, ‘ќе им го покажеме местото’, но и во неговата професионална, или службена поставеност на отстранување на Албанците од концентричните кругови на неговото најтесно окружување“, додаде Османи.

Како „особено понижување за Албанците“, тој го наведе и доделувањето на ресорот за Охридскиот рамковен договор на, како што го нарече, „Српскиот свет во земјава“.

„Како поинаку да се толкува доделувањето на клучната Владина позиција за спроведување, негување и унапредување на вредностите и придобивките од Охридскиот Рамковен договор директно во рацете на Српскиот свет во земјава“, рече Османи.

Тој предупреди и на други чекори кои, според него, ја потврдуваат оваа политика – укинувањето на Балансерот, маргинализацијата на Бадентеровиот механизам и исклучувањето на Албанците од политиките на Централната банка и финансиските институции.

„Овие механизми – Бадентер, Балансер, јазична застапеност итн., – претставуваат механизми за заштита од мајоризација, и токму тие се најголемата пречка за спроведувањето на крајната радикална националистичка политика на Мицкоски, ВМРО и ЗНАМ кон Албанците“, нагласи Османи.

Османи ја критикуваше и улогата на институциите, како Уставниот суд, ДИК и Централната банка, за кои рече дека се „прокси играчи“ на премиерот. Според него, особено „бедна“ е позицијата на, како што ги нарече, остатоците од ВЛЕН во Владата.

„Тие и самите се понижени и отстранети од масата кога Македонците носат одлуки, но уште потрагично, потоа мора да ја играат улогата на поданици – да ги спроведуваат, правдаат и да им даваат легитимитет на овие одлуки“, изјави Османи.

Тој порача дека претстојните избори се историски за Албанците.

„Ова не е повеќе обична политичка битка. Ова е историски миг во кој Албанците мора да се изјаснат – дали ќе прифатат повторно да бидат неми набљудувачи додека ги бришат од системот? Дали ќе дозволат повторно да бидат ‘толерирани’ наместо вреднувани?“, праша Османи.

Во своето обраќање, тој нагласи дека Албанците нема да се откажат од европската перспектива на државата.

„Албанците не сакаат да се откажат од европската иднина на оваа земја; не сакаат немо да гледаат како земјава се сели во прегратките на српскиот свет и кинеско – руските прегратки, туку сакаме да ја видиме како современа, прозападна земја, која е полноправна членка на НАТО и ЕУ“, изјави Османи.

Тој заврши со порака дека за сите кои не разбираат зошто овие избори се историски за Албанците – „наскоро ќе им се разјасни“./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Филипче: Неспособноста на Мицкоски да испорача резултати го турка повторно во старите измислени сценарија за хаос

ДЕСК

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ изгуби преку 120.000 гласа, затоа спрема неправилности на изборите

ДЕСК

Му се слошило, па починал откако бил донесен во бесознание во клиника

ДЕСК