Прес-конференција на кандидатката за градоначалничка на општина Бутел Оливера Ливринчиќ:
Денес стојам пред вас како една од вас — како жена, мајка, сосетка, професионалец, и пред сè, како Бутелчанка која не може повеќе рамнодушно да го гледа застојот на нашата општина.
Последниве четири години, сведоци сме на управување на Костовски и ВМРО-ДПМНЕ кое остави зад себе повеќе разочарувања, изневерени очекувања отколку реализирани проекти.
Се ветуваше многу пред граѓаните, а не се направи ништо.
● Ветувања имаше насекаде — но каде е новата полициска станица? Каде е новата противпожарна станица?
● Поликлиниката за која се ветуваше дека ќе се отвори веднаш првиот ден од мандатот, со остапување на општинската зграда — не само што не е отворена, не ниту е започната.
● Средствата за градинката во Бутел беа обезбедени од Владата на СДСМ преку програмата ТАФ, но и таа остана недовршена.
● Наместо културен подем — добивме само најава, на крајот од мандатот, дека „ќе“ започнеле градба на Културен дом.
● Ветениот плоштад — не го ни видовме, а требаше да никне токму на местото на полициската станица.
● Љубанци и Љуботен сè уште немаат водоводна мрежа, иако пари беа ветени преку УСАИД. Сега, на крај од мандат, повторно се ветува истото.
Ниту едно ветување не е исполнето.
● Надградбата на училиштето ‘‘Ацо Шопов‘‘ остана само на хартија или поточно со четирите издигнати столбови на крајот на мандатот.
Катните гаражи во Скопје Север и Радишани сè уште ги нема.
Коритото на Серава кое е обраснато со бујна вегетација средено само делумно — и тоа сега, пред избори. Деловите што ги уредивме ние, ги претворија во дива депонија.
Ова не се само неисполнети ветувања, не се нерелизирани проекти, ова е непочитување кон граѓаните, кон нивните потреби.
Во Бутел се потребни промени, Бутел не заслужува уште четири години чекање.
Затоа, сакам денес, овде, пред вас, да објавам дека со голема чест и чувство на одговорност, пред се, ја прифатив кандидатурата за градоначалничка на општина Бутел од страна на претседателот на СДСМ, Венко Филипче и Извршниот одбор на партијата.
Оваа одлука ја донесов како некој што го живее Бутел секој ден и кој сака својата општина да напредува. Како некој што верува дека чесноста, визијата и трудот сè уште значат нешто.
Ветувам работа, посветеност и партнерство со секој граѓанин.
Бутел има потенцијал. Ќе го ослободиме.
Бутел има шанса. Ќе ја искористиме.
Бутел може подобро. Ќе го направиме тоа — заедно.
Асфалтирањето на улиците, подобрувањето на осветлувањето и урбаната инфраструктура е основна должност на секоја општина. Тоа нема да биде наш повод за фалење – туку обврска која ќе ја извршуваме. Нашата гордост ќе биде разубавувањето на животниот простор и создавањето подобри услови за секој поединец.
Бутел мора да стане општина која се грижи за секое семејство, која ја поддржува младоста, која го почитува трудот на пензионерите и која инвестира во иднината на нашите деца. Верувам дека заедно можеме да изградиме општина со повеќе солидарност, повеќе поддршка и почиста средина.
Да тргнеме заедно напред – со срце за Бутел!
Линк до видео: https://youtu.be/Z1rCKoT5IAY
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...