На 8 септември, Маврово повторно ќе биде центар на спортот, рекреацијата и забавата со традиционалната хронометар велосипедска трка HalkVeloGreen, која Халкбанк веќе шеста година по ред ја организира во рамките на својата „зелена“ платформа ХалкЕко. Настанот е повеќе од спортска трка, тоа е ден исполнет со енергија, дружење, рекреација и уживање во природата.
HalkVeloGreen и годинава ќе ги обедини љубителите на велосипедизмот, од најмалите учесници до рекреативци и професионални натпреварувачи. На учесниците им се нуди можност да се натпреваруваат во повеќе категории: Хоби, Млади и Деца.
Посебна атракција претставува и тимското рангирање, кое им овозможува на компании, клубови или групи пријатели заеднички да се пријават, со што настанот добива уште поголема спортска и забавна димензија.
Трката ќе се вози по живописната патека во Маврово, со должини од 12 и 22 километри, прилагодени според категориите. Стартна и звршна позиција е големиот паркинг пред спортската сала во Маврово, со патека која се протега покрај живописните предели до хотелот Радика и назад.
Пријавувањето за трката се врши онлајн преку www.trki.mk и трае до 3 септември 2025 година, или до пополнување на предвидениот број места. Котизацијата изнесува 800 денари, а сите собрани средства ќе бидат наменети за општествено корисни цели.
Секој учесник ќе добие богат стартен пакет кој вклучува стартен број со чип, медал за завршена трка, освежување, осигурување, подарок од Халкбанк, како и професионални фотографии од трката.
За најдобрите велосипедисти се предвидени и вредни награди. Во категоријата Хоби (мажи/жени) наградата за освоено прво место изнесува 15.000 денари, за второ место – 10.000 денари и за трето место – 5000 денари. Во категориите Деца и Млади наградите изнесуваат 10.000, 5000 и 3.000 денари. Најдобрите тимови ќе бидат наградени со дипломи и медали.
HalkVeloGreen е повеќе од спортска трка, таа е и вистински празник на спортот, природата и дружењето. Во текот на целиот ден, учесниците и посетителите ќе можат да уживаат во свежиот воздух, убавините на Националниот парк Маврово и атмосферата исполнета со позитивна енергија. За забавниот дел од програмата ќе бидат задолжени Викса и ди-џеј Oki Doki, а за најмладите тука е и омиленото слонче Халки кое ќе им подготви интересни активности.
HalkVeloGreen има за цел да потсети дека велосипедизмот не е само спорт, туку и начин на живот – активен, здрав и еколошки одговорен. Со својата мисија да ги обедини спортот, еколошката свест и заедничкото дружење трката станува традиција што инспирира и остава белег.
Трката е поддржана организациски и од Велосипедската Федерација на Македонија.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...