Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на централната свеченост по повод 18 Август, Денот на Армијата, што се одржа во касарната „Јане Сандански“ во Штип.
Таа нагласи дека филозофијата на самоодржливост, наследена од Илиденците и партизаните, претставува темел на македонската воена доктрина.
Сиљановска-Давкова потсети дека Армијата повеќе од три децении ја гради својата приказна како вистински чувар на татковината: од учество во мировни мисии до помош на граѓаните во кризни состојби и затоа ужива највисока доверба меѓу граѓаните.
Според неа, иако безбедносните предизвици наметнуваат потреба од поголеми вложувања во одбраната, тие мора да бидат насочени не само во вооружување, туку и во јакнење на институциите, инфраструктурата, науката, образованието и здравството.
Како можни долгорочни проекти, таа ги посочи изградбата на НАТО клинички центар, Центар за обука на обучувачи на полигонот „Криволак“ и Развој на локалната одбранбена индустрија.
Во обраќањето, претседателката укажа на значењето на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ како водечка високообразовна и научно-истражувачка институција, како и на потребата од родова еднаквост и спроведување на родовиот акциски план 2025-2028.
Претседателката порача дека Армијата, иако бројно мала, е голема по дух, знаење и љубов кон татковината. Таа е способна да го штити територијалниот интегритет и независноста на Републиката и да продолжи да биде кредибилен НАТО сојузник.
Во рамките на централната свеченост Сиљановска-Давкова со Орден за воени заслуги го одликуваше Центарот за обука на питомци и офицери.
Одликувањето беше доделено за извонредните успеси во организацијата и реализацијата на обуката на питомците и кандидатите за офицери, како и за стратешкиот и долготраен придонес во јакнењето на одбранбената способност преку вложување во образованието и едукацијата. со што се изградени генерации посветени и професионални воени лидери.
На свеченото одбележување на Денот на Армијата, признанија им беа врачени и на прворангираните потпоручници и водници. Со ова, тие се стекнаа со правото да ги носат првите офицерски и подофицерски чинови.
Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова.
Почитувани припадници на Армијата,
Почитувани војници и офицери,
Ветерани на македонската одбрана,
Почитуван претседател на Собранието, господине Гаши,
Почитуван претседател на Владата, господине Мицкоски,
Почитуван министер за одбрана, господине Мисајловски,
Почитуван Началник на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Лафчиски,
Претставници на верските заедници,
Ценети екселенции,
Драги сограѓани,
Денеска, на 18 август, го одбележуваме 33-тиот роденден на нашата Армија, браник на македонскиот територијален интегритет и независност и важен мировен гарант.
Дозволете да ви го честитам големиот празник.
Се собравме тука, во градот под Исарот, во кој се уште се чувствува нескротливиот дух на македонските револуционери, илинденци, партизани и асномци.
Тука, во Штип, како што неодамна потсетив на Мечкин Камен на прославата на Илинден, учителствувал идеологот на македонското револуционерно дело, големиот Гоце Делчев, кој ја подгревал вербата кај народот дека само со сопствени сили може да се избори за слободна македонска држава. Делчев бескомпромисно се залагал за самостојноста на македонското ослободително дело и се противел на секој обид за надворешно мешање во нашето движење.
Тој не верувал во востание со луѓе, кои ќе го напуштат при првиот неуспех, туку во револуција од граѓани, кадарни сами да се справат со сите предизвици и искушенија на една тешка и долготрајна борба.
Гоцевиот пристап со еден збор јас го нарекувам „самоодржливост“.
За време на Втората светска војна, водена од принципот на самоодржливост, народноослободителната и антифашистичка генерација не чекаше некој да нѐ ослободи. Таа ја формираше 110-илјадната Народноослободителна војска на Македонија со која ја ослободи татковината и го оствари сонот за македонска држава. Филозофијата на самоодржливост, конципирана од Илиденците и прифатена и продлабочена од антифашистите е основа и константа на македонската воена доктрина.
Во тој дух, и по прогласувањето на независноста во 1991-та година, македонската армија се стави на располагање на државата и граѓаните на многу начини: како гарант на мирот и одбраната, преку континуираната и сестрана реформа, помош на македонските граѓани и држава во справувањето со кризните, па и вонредни состојби, како онаа со Ковид 19 и поддршка на цивилните институции во справувањето со елементарните непогоди, како пожарите и поплавите. И секогаш тоа го правеше и се уште го прави професионално, одговорно и пожртвувано. Доказ за ова е континуираното уживање највисока доверба меѓу македонските граѓани.
Почитувани,
Повеќе од три децении, Армијата ја пишува својата приказна како вистински custos patriae, чувар на татковината.
Визијата на Генералштабот, дејството на Командата за операции, знаењето на Командата за обука и доктрини, поддршката на логистичката база и честа на Баталјонот за почести се присутни во секој сегмент од армиското делување.
Нашата Армија е столб на стабилноста и мирот: од придонесот во мировната мисија УНИФИЛ, до ангажман во мисијата КФОР, каде во ноември 2020 година македонските мировници го достигнаа највисокото ниво на НАТО одговорност. Денес, над 180 армиски припадници под македонското знаме се вклучени во мировни мисии и операции.
Почитувани присутни,
Како и голем дел од македонските граѓани, и јас посакувам најголеми вложувања во најмоќните оружја: знаењето, образованието и науката, истражувањето и развојот, културата и спортот. Но, свесна сум дека живееме во едно од најнестабилните, нејнепредвидливите и најнесигурните времиња. Глобалниот поредок е фрагментиран, европската безбедносна архитектура е нарушена, конфликтите на Блискиот исток се заоструваат и продлабочуваат, климатските ризици од година во година се зголемуваат.
Блокадата на евроинтеграциите, вклучувајќи ја нашата, потенцирам, добива димензија и карактер на сериозен безбедносен ризик за регионот на Западниот Балкан, но и за ЕУ. Природата на војната рапидно се менува, напредните технологии галопираат, незамисливи оружја парадираат, вештачката интелигенција сестрано се аплицира, нуклеарната војна понекогаш како да надвиснува над светот. Галопирачката трка во вооружувањето диктира поголеми инвестиции во одбраната.
Важноста на самоодржливоста во одбраната никогаш не била поголема. Таа бара зајакната способност за одвраќање напади и одбрана, адаптирање на националните капацитети за кризен менаџмент и стимулирање кооперативна безбедност со онаа на НАТО за да бидеме компатибилни со евроатлантската безбедност.
Затоа, на Самитот на НАТО во Хаг се дефинира потребата од етапно зголемување на трошоците за одбраната.
Но, се разбира, средствата не треба да бидат вложени само во опремувањето на вооружените сили, туку и во структурите на државата и економијата, во инфраструктурата. Финансирањето не се однесува само и пред се на оружјето, туку на севкупниот систем што ќе го градиме. Предвидените издвојувања не треба да бидат само трошок, туку и влог и инвестиција, не само во одбраната, туку во самоодржливоста на македонските институции, во нивната функционалност, во нивната ефикасност и ефективност, за доброто на граѓаните, а не на функционерите и политичарите и нивните лични и колективни интереси.
Во таа смисла, сите надлежни, но и засегнати институции мора да размислуваат за долгорочни проекти што ќе значат креирање и гарантирање самоодржливост и развој, не само во мир, туку и во амбиент на воена закана и потенцијален конфликт.
На пример, зошто да не е можен НАТО клинички центар, според врвните стандарди на Алијансата, којшто во мирнодопски услови би им бил на располагање на македонските граѓани, а во услови на евентуален конфликт би бил медицински центар за потребите на НАТО алијансата?
Или, зошто еден хибриден модел на клинички центар не би бил изграден токму овде, во Штип, во град со извонредна стратешка локација, добра инфраструктурна поврзаност, со државен универзитет, во чиј состав влегува и медицинскиот факултет, пропратен со болница и студентски дом? Чинам дека вакви инвестиции би придонеле и за обнова, заживување и препород на запустената, иселена и раселена Источна Македонија.
Или, зошто да не иницираме изградба на НАТО центар за обука на обучувачи на армискиот полигон „Криволак“ – еден од најдобрите полигони во Европа, барем така велат воените експерти? Многу од припадниците на нашата Армија имаат доволно знаење, искуство, чест, како обучувачи да го споделат со нашите НАТО сојузници.
Денеска, со орден за воени заслуги го одликувавме Центарот за обука на питомци и офицери којшто едуцира и создаде генерации посветени и професионални офицери и подофицери. Им оддадовме признание и на прворангираните питомци и слушатели на основниот курс за подофицери и на новопроизведените и промовирани офицери и подофицери.
Цврсто сум убедена дека ако денес, генералот Апостолски беше меѓу нас, ќе се гордееше со Воената академија како значајна воена високообразовна и научно-истражувачка институција, на којашто, покрај нашите питомци и студенти, се едуцираат и кадри за потребите на вооружените сили на Црна Гора, на Босна и Херцеговина и на Косово.
Денес на важни позиции во Министерството за одбрана и во Армијата, во Министерството за внатрешни работи, во Центарот за управување со кризи, во Дирекцијата за заштита и спасување и во други државни институции се и ќе бидат дипломци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
Во прашање е водечка институција во државата за развивање оперативни вештини во одбраната и кризниот менаџмент.
Исто така сметам дека треба да ја операционализираме и идејата за отворање Регионален НАТО центар за извонредност на жените, како неискористен потенцијал со силен антивоен и мировен капацитет.
Горда сум на трите жени, денеска.
Вие сте иднината на Армијата. Во вас препознавам идни квалификувани и ценети обучувачи на припадниците на други НАТО армии, а не само на нашата!
Од боиштата на истокот на Европа станува јасно дека дроновите ќе бидат една од главните воени технологии во втората половина на 21 век. Со поддршка на НАТО, можеме да предложиме вложување во локална одбранбена индустрија за производство на средства/механизми за заштита од дронови, но и други средства, за кои имаме искуство и докажан капацитет.
Ова се само некои од повеќето начини на коишто, вложувајќи во самоодржливоста, ќе ја заштитиме нашата транспортна и критична инфраструктура, ќе ја намалиме ранливоста на нашите системи и институции, ќе го зголемиме уделот и влогот во истражувањето, развојот и иновациите, со што, ќе го подготвиме општеството да биде поотпорно на кризи, особено во ера на постојани хибридни закани.
Точно е она што го слушаме: дека сме територијално мала држава со малубројна армија. Но, според мене, токму големината на нашата држава и бројноста на нашата армија се нашата силна страна, бидејќи полесно, побргу и со помалку средства можеме да ги постигнеме очекуваните резултати.
Во ова невреме, не смееме да губиме време и треба час поскоро да почнеме стратешки да ги планираме средствата и нивната употреба.
Почитувани војници и старешини,
Со вашата посветеност низ најновите вежби: од обуките со експлозивни средства во Инженерскиот баталјон, преку темелната теренска подготовка на кадетите во „Криволак“ и „Пепелиште“, до тактичките операции со живо гаѓање на механизираните единици, демонстрирате стручност и готовност да одговорите на секој предизвик.
Македонската армија, иако бројно мала, е голема по дух, по знаење и по љубов кон татковината.
Уверена сум дека, како и досега, така и во иднина, Армијата ќе биде подготвена да се вклучи и вложи во сложениот, мултидимензионален и мултифункционален проект за градење на самоодржливи институции и системи во загрозена меѓународна и регионална стабилност и безбедност.
Неспорно е дека инфраструктурата и техничката опрема се важен сегмент на борбената готовност, но духот на единство и постојана и темелна грижа за луѓето е битен за гравитацијата на секоја армија, водена од центрипеталните сили. Благосостојбата на војниците, подофицерите и офицерите, подигнувањето на нивниот животен стандард и подобрувањето на условите за работа, според мене е неопходна и постојана задача за сите актери во командниот синџир.
Постигнувањето на оваа цел бара синергија од сите наши единици, чија професионалност, труд и посветеност особено ја поздравувам.
Современата одбрана не се мери само по воените способности, туку и по капацитетите за инклузија и еднаквост. Не може да има значаен напредок ниту одржлив развој без еднакво и суштинско учество на мажите и жените. Безбедноста не е само физичка сила туку решавање на проблеми со емпатија, со вешта комуникација, со способност за слушање и говорење, со лидерство и добра организираност, со одлучност и упорност, а ќе се согласите дека во прашање се особини што ги поседуваат и красат жените.
Неодамна промовираната родова самопроценка и родовиот акциски план 2025-2028 според мене е клучен чекор кон создавање на родово одговорна работна средина во која мажите и жените рамноправно ќе придонесат за заштитата и безбедноста на земјата.
Почитувани припадници на Армијата,
Како Врховна командантка на вооружените сили, ви изразувам длабока благодарност вам, на храбрите војници за вашата пожртвуваност, труд и посветеност.
Вам на офицерите, нека овој ден биде потсетник дека слободата не е случајна, туку очекуван и заслужен плод на идејна определба и постојана борба за неа.
Денеска, им оддаваме почит на сите кои биле пред вас, се восхитувам на вас кои служите и ги охрабрувате оние кои ќе дојдат по вас.
Нека ова биде инспирација за секој млад човек да ја гледа Армијата како место каде што може чесно и одговорно да се служи и да се учи како се сака, но и како се брани татковината.
Посакувам, очекувам и верувам дека имаме и ќе имаме Армија, секогаш подготвена и способна да го штити нашиот територијален интегритет и независноста на Републиката, како и да продолжи да биде одлучен НАТО сојузник каков што доликува.
Да продолжиме да градиме силна и кредибилна Армија, што ќе ја брани татковината!
Благодарам.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...