18. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Армијата го прослави својот 33 роденден, министерот Мисајловски порача дека столбовите на кои се гради Армијата се цврсти и стабилни

Денеска (18 август) во штипската касарна „Јане Сандански“ македонската Армија со свеченост одбележа 33 години постоење, развој и напредок. На свеченоста во присуство на претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски и останатиот државен врв, се обратија претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Министерот Мисајловски пред присутните се осврна на трите столба на кои континуирано се развива Армијата – стабилното буџетирање, инвестициите во нова и модерна опрема и развојот на човечкиот капацитет.

Во продолжение е интегралниот говор на министерот Мисајловски по повод 18. Август – Денот на Армијата:

„Македонската Армија денеска го слави својот 33 роденден. Триесет и три години напредок, триесет и три години безбедност на татковината и сигурност на граѓаните.

За тоа што сме денес – организирана, високо професионална, исклучително почитувана Армија сакам да им се заблагодарам на сите мажи и жени во униформа и сите вработени во одбраната. Вие сте олицетворение на вековниот стремеж за самостојност и независност зашто одговорноста за суверена Македонија е ваша. Дававте и продолжувате да давате сè од себе за Армијата и одбраната да продолжат да се движат напред и тоа го почитувам и го вреднувам.

Како министер за одбрана, по втор пат имам можност да ви го честитам овој ден. Денес, можам да потврдам дека столбовите на кои ја градиме Армијата и одбранбените сили стојат цврсто.

Буџетирањето на одбраната е на високо ниво, а така и ќе продолжиме: Силно сме посветени да ја зајакнеме нашата одбрана со исполнување на заложбите за инвестиции во одбранбените ресурси согласно одлуките на Самитот на НАТО во Хаг, и сакам да се заблагодарам на Премиерот и на Владата за целата поддршка.

Инвестициите во одбраната ги гледаме на дело. Средствата кои граѓаните ги вложуваат во нашата одбрана ги инвестираме плански и домаќински. А, резултатот го гледаме пред нас – во новите лесни оклопни и инженериски возила, во новите артилериски орудија „Боран“ кои неодамна ги промовиравме, во нова и напредна опрема која ни овозможува да кажеме: македонската Армија е НАТО Армија!

Минатата недела пристигнаа уште 29 нови лесни оклопни возила од американско производство со што бројот на овој тип возила наменети за македонската Армија се искачи на 67 од вкупно 96 кои се предмет на набавка. Годинава, арсеналот на возила ќе се зајакне и со пристигнување на дел од оклопните возила Stryker. Набавуваме и опрема за пешадија како вооружување со мал калибар – автоматски пушки, митралези, фрлачи на гранати, униформи, чизми и се што е потребно за нашите припадници беспрекорно да ги извршуваат своите задачи. Тука е и АБХО опремата, како и инженерските машини и опрема.

Споменатите артилериски системи „Боран“ набавени од сојузничка Турција се веќе дел од армискиот арсенал. Набавуваме и напредна комуникациско – информатичка опрема и опрема за сајбер – одбрана и криптозаштита, која е дел од седумте договори кои ги потпишавме со САД од декември минатата година. Во овие договори се вклучени набавки за беспилотни системи, опрема за извидувачките и разузнавачките единици, опрема за специјални сили, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и Комплет за контрола на здружен оган. А покрај овие договори тука е набавката на системот за против оклопна борба JAVELIN кој ќе биде вграден во дел од оклопните возила JLTV и STRYKER.

Во тек е и проектот за набавка на ,,Специјални возила за посебни намени“ со кој ќе се обезбеди опремување со товарни и специјални моторни возила кои ќе ја засилат мобилноста и снабдувањето на единиците на Армијата. Продолжува и набавката на нови хеликоптери кои значително ќе ни помогнат во овие периоди кога се справуваме со пожарите на целата територија.

Армијата ја градиме и преку одличните билатерални односи со нашите сојузници. Посебно со Соединетите Американски Држави кои нè поддржуваат во континуитет со сериозни финансиски средства. Обединетото Кралство нè поддржи со индивидуална опрема, а со Турција склучивме договори за набавка на околу 4.000 комплети борбена униформа кои очекуваме да пристигнат веќе во септември, а во дополнителна постапка и во процес сме за и околу 3400 пара чизми и 1800 комплети борбена униформа.

Со поддршка од околу 38 милиони евра од Европскиот мировен фонд склучивме договори за набавка на медицински возила инженериски машини, дозери, наторувачи, симулатори за пациенти, одела за деминери, робот за уништување на неексплодирани средства, влечни возови, генератори и друга опрема.

За сето ова им благодариме на сите сојузници!

Да не ги заборавиме и инвестициите во инфраструктурни проекти, како што се реконструкција, реновирање и градежно уредување на многу објекти во повеќе касарни.

Вредно е за споменување е дека во Министерството функционира и единствениот НАТО – акредитиран центар во нашата држава – Регионален центар за односи со јавноста кој е уникатен во сојузничката мрежа на центри за обука по тоа што е единствениот кој е целосно посветен на развој на оваа значајна област.

Развојот го гледаме и во нашиот човечки капацитет. Во финална фаза е и приемот на 300 нови професионални војници. Особено ми е драго што денеска со нас се нашите нови лидери, дваесет и шест нови потпоручници кои по четири годишно школување на Воената академија, веќе го започнаа својот пат во редовите на Армијата како офицери. Тие се нашата иднина! Со нас се и дел од новите 149 подофицери кои се одзваа на повикот и кои ќе го зацврстат суштинскиот сегмент на Армијата, подофицерскиот кор.

На сите вам, нови офицери и подофицери ви честитам на успехот и ви порачувам да продолжите со висока мотивација и труд го одржите високото ниво на доверба кај нашите сограѓани.

Грижата за нашиот човечки капацитет е основата на секоја добро организирана Армија. Минатата година ги нагласив проблемите кои не затекнаа во однос на финансиските обврски кон вработените и тога ветив дека ќе сторам се, оваа неправда да не се повтори. Денеска можам да кажам дека овој проблем е надминат и се исплаќа навремено. Така продолжуваме и понатака затоа што секој наш вработен мора да е мотивиран и неговиот односно нејзиниот труд да биде соодветно валоризиран.

Со гордост ќе кажам – македонската одбрана инвестира во развојот, се опремува и модернизира, и многу важно –се подмладува и пополнува. Тоа е гарант дека нашата сила и способност да бидеме темел на државата денес, ќе биде реалност и во иднина.

Почитувани,

Дел од овие успеси кои ги набројав се дело на нашата макотрпна работа и нашата силна посветеност кон вооружените сили. Се соочивме и ќе продолжуваме да се соочуваме со бројни предизвици. Но, она што нè прави различни е нашата љубов кон татковината за која работиме со срце и со душа. А, кога работите така, наоѓате решение за секој предизвик.
Затоа и во следните 365 дена, до следниот армиски празник ќе продолжиме посветено и напорно да достигнуваме нови резултати, нови успеси. Затоа што се работи за татковината и нејзината самобитност.

Нека е честит Денот на Армијата – 18. Август!

Да живее Армијата!

Да живее Македонија!“

Можеби ќе ве интересира

Затворен магистралниот пат Ресен – Битола, сообраќајот се одвива во големи гужви по стариот пат

ДЕСК

Се судрија автомобили и автобус кај Клапкин дол – Има повеќе повредени, меѓу кои и малолетници

ДЕСК

СДСМ: Обвинителството е на потег за милионските злоупотреби во Еразмус+ кои водат до ВМРО-ДПМНЕ

ДЕСК