12. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото ХЕРА
-МАКЕДОНИЈА

Младите не се хаштаг, туку приоритет – Време е за одговорност!

Соопштение на ХЕРА:

Додека светот денес го слави 12 август -Меѓународниот ден на младите, младите луѓе во Северна Македонија сè уште живеат во реалност исполнета со системски предизвици, ограничени можности и несигурна иднина. Од високото ниво на невработеност, неквалитетно образование, недостаток на младински пријателски здравствени услуги, па сè до слабата институционална поддршка и недостигот на безбедни јавни простори, корупција, младите се принудени да бараат перспектива надвор од сопствената држава.

Според официјалните податоци, 23,7% од младите на возраст од 15 до 29 години се NEET – ниту во образование, ниту во вработување, ниту во обука, што е далеку над европскиот просек и сериозен сигнал за системска негрижа за оваа генерација.[1] Податоците од најновата Национална стратегија за млади 2023–2027 укажуваат дека младите во земјата се соочуваат со ограничен пристап до услуги, ниско ниво на учество во јавниот живот и недоверба во институциите – повеќе од две третини од младите, сметаат дека не се вклучени соодветно во процесот на донесување на одлуки и дури 70% од младите не се заинтересирани за политиката[2]. Студијата за социо-политичко учество на младите во Северна Македонија потврдува дека половина од младите (51,4 %) сметаат дека властите воопшто не се грижат за нивните потреби и проблеми, а само 1,1 % сметаат дека властите целосно се грижат за нивните потреби и проблеми. Три четвртини од младите (73,7 %) досега не биле вклучени или консултирани од локалните или националните институциите при носењето одлуки. Загрижува и фактот што 74,4 од младите не припаѓаат на ниту една организација или друга форма на организирање.[3]

И покрај тоа што Законот за младинско учество и младински политики е во сила од 2020 година, неговата примена на локално ниво е минимална – само 19 општини имаат формирано локален младински совет, а локални стратегии за млади се усвоени само во 7 општини[4]. Во меѓувреме, голем број млади се соочуваат со недостаток на јавни простори, културна изолација и отсуство на неформално образование и менторство.

Ситуацијата со менталното здравје е подеднакво алармантна – дури 64% од девојчињата на 15-годишна возраст чувствуваат две или повеќе психосоматски тегоби еднаш неделно, а дури 53% од истата група имаат депресивно расположение. Насилството исто така е во пораст, потребни се Програми за унапредување на менталното здравје на децата и младите. [5]

Во пресрет на претстојните локални избори, го користиме овој ден како повик до сите кандидати за градоначалници и советници изборните програми да ги подготват во консултација и дијалог директно со младите. Бараме конкретни чекори за подобрување на условите за живот на младите, не декларативна поддршка. Имено:

  • Воспоставување функционални младински совети во секоја општина, со јасна надлежност, транспарентна постапка за избор и реално влијание врз локалните политики и буџети.
  • Воведување на посебна буџетска ставка за младински политики и програми, со директно учество на млади во креирањето и надгледувањето на трошењето.
  • Обезбедување достапни, бесплатни и безбедни јавни простори за младински иницијативи, младински центри (сексуално и репродуктивно здравје, ментално здравје, креативно изразување, развој на субкултури) особено во помалите општини и руралните средини.
  • Поддршка за младинско вработување преку развој на локални програми за самовработување, менторски хабови, иновациски центри и субвенции за млади претприемачи.
  • Воведување на локални служби за ментално здравје – психолози, социјални работници, и мобилни тимови достапни за младите.
  • Поттикнување на соработка со младински организации за неформално образование, сексуално и репродуктивно здравје и културни програми.
  • Вклучување на младите во подготовката и реализацијата на сите локалните развојни стратегии.

Заминувањето на младите од државата нема да се реши со кампањи и повици за патриотизам и раѓања на деца. Ќе се реши со конкретни, мерливи и долгорочни инвестиции во нивниот потенцијал и услови за живот.

Локалната власт е првата линија на контакт со младите во државата и токму таму треба да се започне со вистинските промени.

Ги повикуваме институциите, политичарите, медиумите и граѓанското општество да ја третираат младината не како маргинална група за отчет, туку како рамноправни партнери во носењето одлуки и креирањето на иднината. Младите не се само иднината. Младите се двигатели на промената – тука и сега.

[1] YOUNG PEOPLE NOT IN EDUCATION, EMPLOYMENT OR TRAINING (NEET) MAPPING AND POLICY POINTERS, ILO 2022 https://northmacedonia.un.org/sites/default/files/2022-09/MKD_NEET%20Mapping%20and%20Policy%20Proposals_EN.pdf#:~:text=According%20to%20the%20Labour%20Force%20Survey%20(LFS)%2C,per%20cent)%20of%20the%20total%20youth%20population.

[2] Национална стратегија за млади 2023–2027

[3] https://www.wfd.org/sites/default/files/2024-08/Socio%20political%20participation%20of%20youth%202023%20MK.pdf

[4]https://www.wfd.org/sites/default/files/2024-08/Socio%20political%20participation%20of%20youth%202023%20MK.pdf

[5] ХБСЦ Студија за однесувањата поврзани со здравјето на децата на училишна возраст (11, 13 и 15 години) во Северна Македонија

 

фото ХЕРА

Можеби ќе ве интересира

Претрес во Велес, пронајдена дрога, приведено едно лице

ДЕСК

Битиќи: Најмногу се поскапени земјоделските производи – директен удар врз стандардот на граѓаните

ДЕСК

Алиу: Реновирана Клиниката за урологија, воведени две нови хируршки методи, во фаза на реновирање е Центарот за трансплантација

ДЕСК