Соопштение на Левица:
Најновите изјави на премиерот Мицкоски уште еднаш потврдуваат дека оваа Влада нема ниту стратегија, ниту политичка волја за справување со инфлацијата и растечките трошоци за живот. Наместо конкретни и системски решенија, граѓаните добиваат само празни зборови, бесконечни „анализи“ без рокови и магливи ветувања за идни мерки кои никогаш не се реализираат.
Макроекономските бројки не лажат: инфлацијата во Македонија која достигна до 9,4% во 2023 година, а беше стабилизирана на 3,5% во 2024, летово повторно забрзано расте и тоа 4,5% во јуни и 4,8 % во јули. Најмногу пораснаа цените на храната и безалкохолните пијалоци (6,8 %), а голем пораст има и во секторите транспорт, култура и угостителство.
Овие податоци покажуваат дека поскапувањата не се само резултат на глобални шокови, туку и на системска неефикасност, коруптивни практики и толерирање на монополските структури. Владата, наместо да реагира со итни и јасни мерки, нуди само магливи најави за „анализи кои траат“, без рокови и конкретен план за имплементација.
Неспособноста да се воспостави ефективна контрола на цените на основните производи ја поткопува довербата на граѓаните во институциите. Големите трговски синџири и дистрибутери, со години остварувајќи рекордни профити, ја злоупотребуваат својата пазарна моќ – одржувајќи енормни маржи и создавајќи вештачки ценовен притисок. Пазарната инспекција молчи, додека монополите договараат нови ценовни шокови.
Наместо да ја регулира економијата и да го олесни товарот на граѓаните, Владата ја правда инфлацијата со зголемените плати и пензии, премолчувајќи дека овие зголемувања брзо се изедени од растот на цените. Народната банка предвидува инфлација од 3,5 % за 2025 година, а ММФ 3,4 %, но ризиците за нови поскапувања остануваат високи, особено во услови на нефункционална државна регулација.
Левица инсистира на системски пристап со воведување вистинска и функционална ценовна контрола, прекинување на коруптивните договори и разбивање на монополските структури, поддршка за домашното производство и транспортните услуги и обезбедување фер и конкурентен пазар во интерес на сите граѓани.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...