Поранешниот министер за земјоделство и пратеник од СДСМ, Љупчо Николовски, ги осуди погрешните политики на актуелната влада предводена од ДПМНЕ, кои ја загрозуваат иднината на земјоделците и земјоделството во Македонија. Според Николовски, земјоделците се соочуваат со сериозни проблеми, од зголемени субвенции за големите компании до намалување на клучните програми за малите производители.
„ДПМНЕ ги зголеми субвенциите за големите фирми од 300.000 на 1 милион евра, но истовремено ги укина програмите за малите земјоделци, кои се сржта на земјоделската индустрија“, рече Николовски. Тој додаде дека во исто време, беше укината и авансната предвремена исплата на субвенциите од 30%, која беше воведена од СДСМ и беше пресудна за поддршка на земјоделците во тешките години. „Укинувањето на авансната исплата ги остави земјоделците во финансиска неизвесност“, истакна Николовски.
Дополнително, Николовски посочи дека под ДПМНЕ се намалува и буџетот за руралниот развој, кој беше 1,3 милијарди денари во 2023 година, но сега е преполовен на 650 милиони денари за 2025 година. „Овие намалувања директно ја загрозуваат иднината на руралните региони и ги погодуваат земјоделците кои зависат од оваа поддршка“, пишува Николовски.
Николовски го истакна и проблемот со рекордно ниските откупни цени на оризот и пченицата, што ги оптоварува земјоделците. „ДПМНЕ не успеа да обезбеди фер откупни цени за земјоделците“, пишува Николовски, додавајќи дека исто така министерството за земјоделство под водство на ДПМНЕ не го почитува Законот за вино, кој ја гарантираше откупната цена на грозјето. „Лозарите се оставени без правото на фер откупна цена“, истакна Николовски.
„Доколку го погледнеме вкупниот резултат на земјоделскиот сектор под ДПМНЕ, ќе видиме крахирање на ИПАРД програмата, која во времето на СДСМ беше лидер во регионот, а сега се наоѓа на колена“, изјави Николовски. Тој ја осуди и политиката на ДПМНЕ да ги манипулира земјоделците со лаги околу исплатата на долговите, при што, како што истакна, „вистината е дека СДСМ остави најчиста состојба во Платежната агенција“.
„Земјоделците заслужуваат вистинска поддршка, а не манипулации и политички игри“, рече Николовски и додаде дека СДСМ останува посветен на земјоделците и дека во претходниот период беа реализирани бројни позитивни мерки за нив. „Беа воведени значителни субвенции, како што е субвенцијата за тутун и за засадена површина, како и мерки за зелена нафта, кои беа користени од голем број земјоделци“, изјави Николовски.
„СДСМ е партијата која се грижи за вистинската поддршка на земјоделците и ќе продолжи да се бори за фер третман за нив, за нивниот развој и за иднината на земјоделството во Македонија“, заклучи Николовски.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...